Лидерите на Г-7 не успеаја да го убедат Бајден да ја продолжи мисијата во Авганистан.
Поради ситуацијата со евакуацијата од Авганистан и однесувањето на талибанците, вчера се одржа и онлајн вонреден состанок на лидерите на седумте индустриски најразвиени земји во светот, со кој претседаваше британскиот премиер Борис Џонсон.
Се очекуваше британскиот премиер да изврши притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да ги задржи своите сили на терен после 31 август, бидејќи тие обезбедуваат сигурност на аеродромот во Кабул за да им се овозможи на луѓето да ја напуштат земјата.
Џонсон и другите лидери на Г-7 сепак не успеаја да ги убедат САД да ги задржат војниците во Авганистан за да продолжат напорите за евакуација по крајот на месецот.
По вонредниот состанок на лидерите на Г-7 Бајден рече дека рокот останува во сила. Тој подоцна додаде дека сепак, рокот за повлекување на американските војници од Авганистан (31 август) зависи од тоа дали талибанците ќе обезбедат пристап до аеродромот во Кабул. Според американските медиуми, тој на самитот на Г-7, рекол дека американската војска во земјата е под голем ризик од терористички напади, и тој расте од ден на ден. Бајден посочил дека САД „брзо го изведуваат повлекувањето од Авганистан до 31 август, во зависност од соработката со Талибанците“.
– Ќе направиме сè што можеме до последна минута, но слушнавте што рече претседателот на САД, слушнавте што рекоа талибанците, рече британскиот премиер Џонсон и изрази увереност дека можат да се извлечат уште илјадници луѓе. Сепак тој истакна дека ситуацијата на аеродромот не се подобрува.
Американските медиуми пишуваат дека Бајден всушност бил советуван од Пентагон да не го продожува рокот за повлекување на трупите и да го почитува договорот со талибанците – крајниот рок да остане 31-ви август.
Во текот на вчерашниот ден, директротот на ЦИА се сретнал со лидерот на Талибанците. Средбата ја организирале властите на Катар, а наводно се зборувало за идната соработка на талибанците со САД и сојузниците во борбата против тероризмот.
Во меѓувреме, талибанците веќе поставуваат свои министри во новата влада.
Но, на аеродромот во Кабул и натаму хаос. Покрај странските државјани, од кои досега многумина ја напуштија земјата, многу Авганистанци стравуваат од повторување на бруталното толкување на шеријатскиот закон што талибанците го воведоа кога првпат ја преземаа власта во 1996-2001 година и од одмазда за соработување со САД во изминатите две децении. Во исто време портпаролот на талибанците ги предупреди САД да престанат со евакуација на квалификувани Авганистанци, и истакна дека нема да биде продолжен рокот за напуштање на земјата на 31 август.