Продолжува евакуацијата од аеродромот во Кабул. Во текот на ноќта аеродромот се отвори и евакуирани речиси 4000 луѓе. Но, застојот и затворањето на премините кон аеродромот создаде неверојатен метеж. 18 илјади луѓе нервозно чекаа, деца дехидрирани, голем дел од нив без храна. Стравот се зголеми по новите пукотници од талибанците, што доведе до стампедо на аеродрмот во кое загинаа седум цивили.
НАТО соопшти дека за една недели на аеродромот загинале 20 цивили. Но, за нивната смрт талибанците ги обвинија токму американските војници на аеродромот кои, според нив, ги повикувале луѓето да се качат во авионите за да ги спасат.
Во меѓувреме, талибанците во наредните денови треба да ја соопштат новата влада. Го убедуваат наслението дека имаа модерно лице, дека можат да продолжат со своите животи, дека никој нема да им пречи и да им ја загрозува безбедноста. Но она што е најважно одобрија отворање училиштата и факултетите низ земјата, а ветуваат и зелени површини.
Во иднина, ќе направиме добар систем за луѓето во Авганистан, да можат да одат во парковите, да одат на универзитет, на излети, на разгледување и во многу поинакви зелени, зелени области, вели член на талибанците.
Политичките аналитичари се оптимисти во поглед на мирот кој го ветуваат талибанците во земјата, бидејќи според дел од нив, талибанците сакаат да направат инклузивна влада и покрај опозициските сили кои се формираат на северот од земјата.
Она на што сведочиме е многу поинакво, целосно различно. Ги гледаме како многу скромни, високо образовани, во однос на тоа како се справуваат со другите групи и како преговараат, уверува политичкиот аналитичар од Катар АШРАФ СИДИЌИ
Талибанското движење е признаено само од три држави – Пакистан, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати. Колку и да се обидуваат да докажат дека се променети, и дека ќе ги почитуваат човековите права, сепак Западот не им верува. Ако бараат меѓународно признвање, малку е веројатно дека тоа ќе се случи. Ниту една од земјите од западниот блок не сака да биде прва која ќе соработува со нив.
Алиса Шутиноска