Луѓето за да преживеат имаат совршен вроден инстинкт за ткаење приказни, за тоа кои се, што се, од каде доаѓаат и каде одат, рече писателот Владимир Јанковски, при синоќешното врачување на наградата „ Роман на годината“, која Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „ Славко Јанески“, му ја додели за романот „ Скриени желби, немирни патувања“, што го објави „ Антолог “. Зборувајќи за врската меѓу прараскажувачите на приказни и денешните прозаисти, Јанковски го цитираше нашиот истакнат драматичар Горан Стефановски.
- За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се срж на нашиот живот, столб на нашиот идентитет, вели Горан Стефановски. А, приказните се насекаде околу нас, потенцира Јанковски.
Според лауреатот, живееме во време во кое се повеќе зборуваме за да се слушнеме себе си, а не другиот, и се повеќе слушаме за да го чуеме тоа што сакаме да со слушнеме, а не она што ни е соопштено. Приказните на другите луѓе од различните точки на светот ни се потребни за во нив да ги видиме нијансата и деталот, наспроти разурнувачката моќ на унификацијата.
- Во светот толку лесно поделен на црно- бели бои, кога за се нешто мислиме дека е јасно, очигледно, цврсто, литературата може да биде лек против овопштувањето, мек и бавен отпор кон поедноставувањето на егзистенцијата, дополни Јанковски.
Романот „ Скриени желби, немирни патувања“, на Владимир Јанковски, е впечатливо дело, оригинална иновација во македонската литература. Со исклучително интересна колажна структура, базирана на животна уверливост и многуслојност, оваа проза пулсира со ново преосмислување на човечките односи, перципирајќи го светот како единствена мрежа од концепти и судбини, што се развиваат во перспективи и во меѓусебна корелација, стои во образложението на жирито за наградениот романот на Јанковски.
Жирито го сочинуваа : писателката Оливера Николова- претседателка и минатогодишна добитничка на наградата „ Роман на годината“, поетот и професор Зоран Анчевски, писателката и професорка Калина Малеска, писателот Живко Гроздановски и новинарката Катерина Богоева- претставничка на Фондацијата „ Славко Јаневски“. По спроведениот конкурс од 15 декември 2020 до 15 јануари 2021 година, тие извршија неколку селекции од пристигнатите 41 роман, од кои го избраа делото на Јанковски. Неговата проза влезе во финалето со уште четири дела од писателите Петар Андоновски, Жарко Кујунџиски, Владимир Илиевски и Билјана С. Црвенковска.
Владимир Јанковски е 22 по ред добитник на наградата „ Роман на годината“. Таа вклучува паричен износ од 150 000 денари, плакета и статуетка, направена од вајарот Сашо Саздовски.
Јанковски е писател, есеист и преведувач. Добитник е и на „ Рациновото признание “, а на двапати беше македонски кандидат за наградата „ Балканика“.
По соопштувањето на добитникот на наградата „ Роман на годината“, на средината на март, Фондацијата „ Славко Јаневски“ , беше принудена да го одложи врачувањето поради пандемијата.