Најважни Свет

Мицотакис се извини за слабостите при гаснењето на пожарите кои и натаму беснееат во Грција

Соочени сме со природна катастрофа од невидени размери, можеби направивме се што е возможно, но во многу случаи тоа не беше доволно, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во синоќешното обраќање до нацијата, која се соочува со незапаметени пожари во различни делови од Грција.

Под притисок на јавноста но и опозицијата, Мицотакис упати и извинување до своите сограѓани за секој неуспех во борбата против огнените стихии кои уништуваат се пред себе.

Големината на катастрофата, особено на Евија и Атика, ги зацрнува срцата на сите. Јас сум првиот кој ќе се извини за секоја слабост. Целосно ја разбирам и болката на оние кои ги гледаа своите домови и имоти како горат, фрустрацијата на оние кои беа евакуирани од своите родни градови, дури и бесот на оние кои бараа помош од воздух без да знаат дали авионите кои гасат пожари, летаат на некое други место или дали условите направиле да е невозможно за нив да летаат, рече мицотакис.

Мицотакис вети и помош и компензација на сите луѓе кои ги изгубија своите домови и имоти во налетот на страотните огнови, како и огромна операција за пошумување на илјадниците хектари уништена шума, ветувајќи сеопфатна стратеги и за спречување на поплавите во изгорените региони. Сепак, грчкиот премиер го потенцираше и размерот на природната катастрофа која ја снајде Грција – 586 шумски пожари.

Последните денови беа меѓу најтешките за нашата земја со децении. Се боревме и се уште се бориме во оваа битка со сета сила. Но, соочени сме со природна катастрофа од димензии без преседан: 586 шумски пожари избувнаа на сите страни во Грција. Пожари кои, заради незапаметениот жежок бран и повеќето месеци суша, сега е многу тешко да се изгаснат, вели мицотакис.

Ситуацијата и натаму е најтешка на островот Евија, северо-источно од Атина, каде налетот на огнот уништи десетици куќи и бизниси како и  илјадници хектари густа борова шума.Илјадници жители на островот досега ги евакуираа своите домови, за да се спасат од огновите, иако не сите го послушаа повикот на властите и останаа да ги бранат своите домови. Во гаснењето на пожарите учествуваат и голем број доброволци кои дојдоа да им помогнат на жителите на островот.

Сега ние помагавме да запреме голем шумски пожар. Уништувањето е огромно, овој дел не може и да се пошуми повторно, имотите кои овие луѓе ги изгубија не може да се обноват, изјави доброволецот димитрис.

Пожарот на Евија избувна на 3-ти август и борбата против огнот веќе 8 дена по ред, ја водат повеќе од 870 пожарникари, 50 екипи на земја со 22 возила, вклучувајќи и пожарникари од Украина, Романија, Србија, Словачка и Полска.

Воздушна поддршка обезбедуваат 14 хеликоптери, вклучувајќи 3 од Србија, 2 од Швајцарија и еден од Египет.

Од огромниот оган, небото над Евија е со морничава црвено-портокалова боја а густиот чад кој се шири од островот го покри и  сонцето кое ја пече Грција со денови, предизвикувајќи температури до 45 степени целзиусови.

Заради огромните облаци чад и слабата видливост, хеликоптерите често се и приземјени и не можат да летаат.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Разочаран сум од Путин

Дејан Дејан

Нуклеарката Запорожје остана без струја, Украина ја обвини Русија

Дејан Дејан

„Паднал низ прозорец“ – почина потпретседател на руска нафтена компанија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе