Убавината е извор на надежта за подобар свет, рече во синоќешниот говор претседателот Стево Пендаровски , кој како покровител на фестивалот „ Охридско лето“, го отвори неговоро 61 издание. Обраќајќи се пред присутните во Античкиот театар, Пендаровски праша, дали убавината може да не заштити од заканата на корона вирусот која сеуште трае.
- Може ли убавината да ги врати загубените животи, прекинатите соништа, пропуштените перспективи? Како ќе ги надомести економските штети, како ќе ги реши еколошките проблеми, како ќе ги исправи длабоките социјални неправди? Ако пред овие предизвици потклекнаа и најмоќните на планетата, како воопшто убавината може да го спаси светот? Меѓутоа, драги пријатели, парадоксот на убавината која е олицетворена во уметноста и културата, е што таа е непресушен извор на надежта за подобар свет, дури и кога ги прикажува најголемите страдања, насилството кон немоќните или грдите лица на луѓето, рече Пендаровски.
Во обраќањето пред аудиториумот, министерката за култура Ирена Стефоска, апелира на заштита на Охридскиот регион, кој, како што рече, не треба да го чуваме заради УНЕСКО, туку пред се заради аманетот од претците.
- Ниту Охрид без ’Охридско лето‘, ниту ’Охридско лето‘ без Охрид. Магијата е заемна како што е магичен и целиот регион. Регионот е волшепство од природата и наследство на историјата. Тапијата е во наши раце само на чување и затоа мора да ја зачуваме – не поради УНЕСКО, туку поради оставениот аманет, кој е и наша обврска и наша чест, рече Стефоска.
А, уметничката порака на отворањето на фестивалот, годинава имаше чест да ја испрати балерината, кореограф и директорка на Националниот балет, Олга Панго. Таа рече дека го чекале мигот за настап пред публиката , поради месеците кога беа затворени како установа поради пандемијата. Панго потенцира дека настапот на Националниот балет на отворањето на „ Охридско лето“, е доказ за потребата од соработка меѓу институциите од културата.