Култура

Алијанса и Алтернатива со остри реакции до ДУИ дека ја уништиле албанската култура

Вчера по втор пат отворен за политичарите од власта, а веќе денеска на обновениот Албански театар и на неговата ограда, осамнаа плакати, со кои на челниците од владеачката ДУИ им се забранува влез во театарот. Плакатите ги закачија опозиционерите од Алтернатива и Алијанса за Албанците, со порака дека ДУИ се уништувачи на албанската култура и виновни за доцнењето на обновата на театарот, за која беа потрошени повеќе од 10 од предвидените 8 милиони евра.

Тие се виновни за злоупотребите на парите на граѓаните. За тоа што ги оставија уметниците без работа и љубителите на уметноста без претстави. Тие исто така имаат голема национална вина за уништувањето на албанската култура, со секоја нивна постапка и одлука. Вие господа уништувачи на албанската култура треба да дадете отчет и да одговарате. За вас нема место на седиштата во театарот, туку на клупите за обвинетите, изјави Фатих Ќаили од Алтернатива и Алијанса за Албанците.

Од Алтернатива и Алијанса рекоа и дека не присуствувале на отворањето на обновениот Албански театар зашто не биле поканети. А, директорот на театарот Карага со одговор дека со лаги не се прави култура и дека театарот комуницирал со албанските  партии од опозицијата за да присуствуваат на свеченоста.

Албанскиот театар директно комуницираше со Африм Гаши од Алтернатива и посредно со Зијадин Села од Алијанса за Албанците. Им беа испратени покани, но тие не дојдоа, иако Африм Гаши потврди дека ќе присуствува. За комуникацијата постои и евиденција, изјави директорот на Албанскиот театар Адем Карага.

Обновата на Албанскиот театар започна во 2014, со одлука на владата на Никола Груевски. Идејниот проект беше на „ Мегарон –Инженеринг“ од Скопје . Беше избрана италијанска  фирма „ Ламоне Мореда“, но по една година таа банкротира. Како што тогаш информираа албанските медиуми, таа повлекла 20 % од вкупно планираниот буџет, без да сработи било што. По неа дојде градежната фирма „ Шенција“ , исто така од Италија. Со неа Албанскиот театар потпиша анекс договор од 200 илјади евра, без тендер, а потоа и нов договор во 2016, од околу 900 илјади евра. Така,  сумата  скокна на 9, 1 милиони евра. Во 2019, Владата додели уште еден милион евра за довршување на реконструкцијата. Во ноември истата година без присуство на медиуми театарот беше отворен, а лани в.д. директор Илбер Муртези се пожали дека кровот протекува повеќе од колку пред обновата. За реконструкцијата на објектот предистрага започна СЈО, а анализа со нотирани нерегуларности спроведе и комисија при Министерството за култура, на чело со Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнал“.

По вчерашното протоколарно отворање на обновениот Албански театар за политичарите, вечерва настанот е за директорите на културните установи, а утре вечер на ред е публиката.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Бруталистичка улица“ меѓу десет најдобри проекти на Венециското биенале за архитектура според „Артрибјун“

Дејан Дејан

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе