Во пресрет на ретроспективната изложба на Димитар Кондовски Националната галерија упати јавен повик до колекционерите и љубителите на неговото творештво да бидат дел од подготовките на оваа изложба. Мотив да се истрае во мисијата, да се потсетиме дека вредноста која била присутна во тоа време се уште треба да биде за нас репер дека секогаш сме имале врвни уметници кои биле блиску до Европа, кои и во тоа време се издвојувале во општеството, вели Старова Ќерими.
Станува збор за автор кој е многу плоден и интересен за јавноста. Остави запис зад себе значаен од неколку фази, од реализмот до фигурацијата, до запазување на некои елементи во изработка на иконите, значи автор кој има широк дијапазон на креација и на мотивите кои ги создава, вели Старова Ќерими.
Националната галерија ги повика сите колекционери кои поседуваат дела од Димитар Кондовски, да ги исконтактираат, со што би придонеле кон збогатувањето на информациите поврзани со неговото творештво.
Собирањето на дела е еден вид потсетување каде се делата, затоа што патот на сликата не секогаш го знаеме од колекционерите, не секогаш сите слики се поставуваат, туку се прави една убава ретроспектива на најзначајните дела од различни периоди. Да бидеме во допир со сите тие кои што имаат едно дело кое треба да се запази не само во изложбата, туку и во историјата на институцијата дека едно дело знаеме каде е, вели Старова Ќерими.
Во меѓувреме Националната галерија ја продолжува практиката востановена со jубилејната изложба на Петар Мазев, за вклучување на публиката, колекционерите и љубителите на творештво на најзначајните македонски автори. Во тек се подготовките на ретроспективните изложби на Васко Ташковски и Ѓорѓи Зографски.
Нина Стефанова