По прилично интензивна дебатата за проширувањето на Советот за општи работи на ЕУ, Софија одбила да попушти. Бугарското вето за усвојување на преговарачката рамка за Македонија и Албанија останува, и покрај тоа што останатите министри и посочиле на Бугарија дека станува збор за кредибилитетот на унијата, а Германија дури предупредила дека со вакво однесување ЕУ се претвора во „стратешко џуџе“. Но, бугарскиот министер опстојувал на ставот дека станува збор за европски проблем и дека унијата не ја разбира длабочината на проблемот.
Подоцна германскиот министер за надворешни работи преку Твитер порача билатералните прашања да се решаваат билатерално без да се блокира напредокот на целата унија.
Да размислуваме стратешки и да сфатиме дека мораме веднаш да ги исполниме нашите обврски кон Албанија и Македонија. Немаме никаков интерес да создадеме стратешки вакуум таму, напиша Михаел Рот.
Повеќе министри изразија поддршка и побараа да не се блокираат овие две земји со оглед на постигнатиот реформски напредок кој треба да биде награден.
Во случајов, навистина важно е конечно да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Станува збор за кредибилноста на ЕУ, и проширувањето навистина е најуспешната алатка во надворешната политика што ЕУ некогаш ја развила. Не смееме да го загрозиме тоа, порача литванскиот министер за надворешни работи Арнолдс Пранкевичиус.
Најголемиот дел членки сметаат дека не треба да има одвојување на Албанија и Македонија, и оценуваат дека таквото сценарио е речиси невозможно. Техничката влада во Софија, и престојните избори во јули, дополнително го комплицираат проблемот, исто како и констатацијата дека Бугарија не може да гарантира дека идната влада ќе го деблокира ветото.
Игор Трајков