Македонија Најважни

Ништо од пресвртот – бугарското вето останува

Советот за општи работи на ЕУ ги потврди очекувањата. Ветото на Бугарија останува и Македонија, но и со неа Албанија повторно не добија зелено светло за одржување на првите меѓувладини конференции за отворање на преговорите за членство во Европската Унија.

Португалското претседателство со ЕУ топката сега ја префрла на Словенија, охрабрувајќи ја оваа земја да продолжи да бара решение, врз основа на предлогот на официјален Лисабон.

“И покрај сите напори не беше возможно да се договориме за преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржат првите меѓувладини конференции за овие две земји кандидати. Сепак, посочуваме дека Словенечкото претседателство ќе продолжи со своите напори за кои се надеваме дека ќе доведат до позитивен исход наскоро, врз основа на предлогот кој португалското претседателство го стави на маса” – изјави португалскиот државен секретар за европски прашања, Ана Паула Закаријаш.

Португалија, како досегашен претседавач со Унијата, изрази разбирање за, како што рече, тешкиот политички момент во кој живеат Македонија и Бугарија, оценувајќи дека треба да се најде решение со кое сите засегнати страни ќе бидат задоволни.

Како што знаете, португалското претседателство даде се од себе да пронајде можен компромис, да најде можно решение. Навистина би сакале да можевме денеска да имаме не две меѓувладини конференции, туку четири. Но, тоа беше многу тешко, го разбираме тешкиот политички миг во кој живеат Северна Македонија и Бугарија. Се уште не е моментот. Мислам дека мора да најдеме решение со кое сите учесници, сите засегнати страни ќе бидат комотни и затоа го охрабруваме словенечкото претседателство да продолжи со напорите, да не биде пропуштен моментумот, да се продолжи со разговорите и да ги се искористат предлозите кои се на маса да се продолжи”- оцени Закаријаш.

Европските амбиции на Албанија во моментов остануваат колатерална штета на бугарското вето за Македонија, бидејќи земјите членки на ЕУ засега остануваат на ставот дека двете земји не треба да се раздвојуваат.

Дебатата на Советот за општи работи на ЕУ поминала слично и како претходно, со укажувања на повеќе земји членки дека Македонија заслужува да ги отпочне преговорите и дека билатералните проблеми не треба да го блокираат евроинтегративниот процес на Западниот Балкан.

Сепак, техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија, како и своите претходници, инсистирал на блокадата, тврдејќи дека станува збор за европски а не бугарски проблем.

Португалската државна секретарка за надворешни прашања не коментираше и дали ќе има некаков обид за убедување на бугарскиот претседател Радев за повлекување на ветото, ниту пак како блокадата на македонскиот пат кон ЕУ може да влијае врз поддршката на евроинтеграциите во македонската јавност.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе