Откако кривичниот суд го одобри обвинителниот акт за случајот Плацеви на Водно во кој меѓу обвинетите е и притворениот Орце Камчев- веќе е закажано и првото судско рочиште.
Судскиот процес за Плацевите на Водно е планиран да почне на 16-ти јули во 10 часот, известуваат од кривичниот суд. И покрај летната судска ферија, процесот ќе се одвива затоа што сатнуав збор за притворски предмет бидејќи обвинетиот Камчев е во притвор од 14-ти март.
Тогаш поради информации за наводно подготвување бегство во Бугарија, на Камчев му беше определена мерка притвор која оттогаш му е продолжена уште трипати.
Одбраната на Камчев ја опоруваше службената белешка на АНБ за можното бегство сметајќи дека Агенцијата за национаlна безбедност ги пречекорила своите овластувања и го следела обвинетиот бизнисмен.
Плацеви на Водно е предмет отворен во СЈО и поврзан со предметот Империја. Покрај Камчев, обвинети се и и Сашо Мијалков, поранешниот премиер Никола Груевски кој сега е во бегство и со одобрен азил е во Унгарија.
На листата обвинети е мајката на Камчев, како и Ристо Новачевски, којшто е кум на екс премиерот Груевски.
Сите се товарат дека со парите добиени како партиски донации за ВМРО-ДПМНЕ купувале плацеви на Водно кои биле наменети за Груевски, а биле припишувани на повеќе фирми на обвинетите.
Според обвинителството проневерни се околу 1,3 милиони евра партиски донации, а било купено околу 11 илјади квадратни метри градежно земјиште на падините на Водно.
4-ца од 6-те обвинети се гонат за перење пари (меѓу нив е и Орце Камчев), Груевски се товари за две кривични дела Противправно стекнување и прикривање имот и Перење пари, додека Сашо Мијалков е обвинет за помагање на перење пари.
Во мај обвинителството објави дека за трансферот на партиските донации се користени и фирми во Белизе, како и дека имало обиди за прикривање на сопственоста врз имотот:
-Во периодот од месец јуни 2006 година до октомври 2012 година во Скопје првообвинетиот Н.Г. со искористување на ист траен однос и исти прилики за себе противправно присвоил туѓи подвижни предмети што му биле доверени во врска со неговата работа и притоа присвоил износ од најмалку 1.300.360,00 евра или 79.972.140,00 денари. Тој, во овој период како одговорно лице, претседател на политичката партија, дел од паричните средства што биле давани како донации за финансирање на политичката партија не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе, соопшти обвинителството.
-Од месец октомври 2012 година до месец септември 2013 година Н.Г. парите ги пуштил во оптек, за што со умисла му помогнал обвинетиот С.М. Така, откако обвинетиот Н.Г. во средината на 2012 година дознал дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 м2 лоцирано на Водно побарал од обвинетиот С.М. да му помогне истото да го купи при што ќе го прикрие изворот на парите и дека тој е сопственик на земјиштето. Обвинетиот С.М. стапил во контакт со обвинетиот Н.Ј. кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе и се договорил оваа фирма да биде основач на домашно правно лице кое ќе биде употребено за купување на земјиштето. Иако знаел дека неговото правно лице ќе се користи за прикривање на вистинскиот сопственик на купувачот на земјиштето, обвинетиот Н.Ј. во договор со обвинетиот С.М. основал правно лице во Скопје, на кое обвинетиот Р.Н. станал управител. Откако била постигната согласност за купопродажната цена, обвинетиот Н.Г. во повеќе наврати на девизната сметка на правното лице во Скопје, преку сметката на правното лице од Белизе пуштил во оптек парични средства прибавени со кривично дело. Обвинетиот Р.Н. ги примил паричните средства и во својство на управител на правното лице со сопствениците на земјиштето потпишал договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 м2, по што извршил плаќање кон продавачите во износ од 1.299.215 евра, а дел од останатите приливи ги употребил за плаќање на данок на промет на недвижности, напиша обвинителството за случајот „Плацеви на Водно“.
-Во периодот од јуни до октомври 2015 година обвинетиот Н.Г. купениот имот чии парцели со промените на ГУП на град Скопје 2012-2022 година, биле пренаменети во градежни парцели и уделот на правното лице од Белизе во правното лице во Скопје, го пренел на обвинетите Ј.К. и Р.К.К. Обвинетиот Ј.К. како управител на правно лице и обвинетата Р.К.К. како краен сопственик на истото правно лице иако знаеле дека имотот е прибавен со кривично дело, истиот го примиле во сопственост на нивното правно лице и донеле одлука преземеното правно лице да се преименува и сопственоста да се пренесе на правните лица каде обвинетиот Ј.К. е управител, а обвинетата Р.К.К. сопственик. Потоа по претходно донесена одлука за физичка делба парцелите биле поделени на три нови парцели од кои едната била продадена на заинтересирано правно лице. Уделите во преименуваното правно лице и останатите две парцели фиктивно биле пренесени на трето лице без да биде платен уделот и со договор во кој бил определен рок за исплата на купопродажната цена со клаузула дека ако рокот не биде испочитуван, договорите се ништовни со што ја прикриле локацијата на имотот и неговата сопственост, извести прес службата на обвинителството на 12-ти мај 2021-ва година.
Миомир Серафиновиќ