Марко Арнаутовиќ вчера ја запечати победата на Aвстрија против нашата репрезентација на ЕУРО 2020, но имаше бурна прослава на голот, која беше насочена кон дел од нашите репрезентативци, најверојатно кон Егзон Бејлтулаи или Езгјан Алиоски.
Тој упати серија навредливи зборови, а некои медиуми го обвинија за навреда на национална основа и дека е расист.
Поранешниот голгетер на Вест Хем преку социјалната мрежа „Инстаграм“ се извини за своите постапки и тоа и на македонски и албански јазик.
„Имаше некои жестоки зборови, искажани во афект на натпреварот, за кои би сакал да се извинам, посебно на моите пријатели од Македонија и Албанија. Би сакал да кажам една работа јасно – не сум расист! Имам пријатели од речиси секоја земја и се залагам за различности. Секој кој ме знае е свесен за тоа“, напиша Арнаутовиќ, а зборот „извинете“ го имаше напишано на македонски и албански јазик
Австриецот толку гневно реагираше на постигнатиот гол, што дури капитенот Давид Алаба со сета сила се обидуваше да го запре за да не добие сериозна санкција од Дисциплинската комисија на УЕФА. Останува да видиме дали европската куќа на фудбалот ќе реагира на овој испад на Арнаутовиќ.