Македонската фудбалска репрезентација утрово замина за Букурешт, Романија, каде ќе ги игра првите два натпревари на Европското првенство.
Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини им посака многу среќа на репрезентативците. На тимот му се приклучи и повредениот Илија Несторовски, кој иако нема да може да игра, ќе биде со своите колеги, како најголем навивач и подршка.
Пред полетувањето за романскиот главен град, средба со фудбалерите имаше и премиерот Зоран Заев. Тој иако минатата недела се пожали дека не му било дозволено да има прием кај фудбалерите, денеска им посака успех на Еуро 2020, буквално на пистата на скопскиот аеродром.
Македонската фудбалска репрезентација натпреварите на турнирот ги започнува на 13 јуни, кога во првото коло играме со Австрија. На 17 јуни ќе ги одмериме силите со Украина, додека четири дена подоцна се селиме во Амстердам, каде ќе играме со Холандија во последниот натпревар од групата Ц.