Македонија Најважни

Индиската мутација на Ковид ја има пациент во Македонија – тој е целосно изолиран и ризик по јавното здравје нема

Индиската мутација на Корона вирус веќе е откриена во лабораторија и е присутна во земјава. Епидемиолозите месеци наназад стравуваат од оваа опасна варијанта на вирусот затоа што лабораториските анализи покажуваат дека е 60 до 70 проценти позаразна од останатите мутации.

Здравствените власти, пак, смируваат дека ова е изолиран случај и дека нема ризик по јавното здравје затоа што пациентот уште од почеток е максимално изолиран според сите протоколи, уште при влез во земјата.

Лекуван е во една приватна болница, а примен уште минатата недела. Таму и му е направена епидемиолошка анкета веднаш откако е донесен, а на лекарите им кажал дека во Македонија се вратил од Блискиот Исток.

„Според епидемиолошката анкета која ја направила болницата, пациентот се вратил од Ирак, каде претходно 10 дена бил болен и хоспитализиран. Кога се вратил во земјава веднаш со посебно санитетско возило бил пренесен во болницата. Состојбата на пациентот е стабилна и тој не е знак за ризик“ велат од Министерството за здравство.

Ова е и најновата мутација на вирусот откако е извршено секвенционирање на примерок. Досега бројни мутации беа откриени уште на почетокот на годината. Само до јануари околу дваесет различни соеви беа потврдени во лабораторијата на МАНУ.

Потоа беше детектирана и британската мутација, која пред неколку месеци ги засили рестриктивните мерки насекаде низ Европа, а во еден период беше и доминантна помеѓу новите случаи на заразени во Македонија.

„Разликата помеѓу оваа варијанта и претходните две варијанти односно варијантата популарно наречена јужноафриканска, како и бразилската варијанта, е што има значително поголема преносливост и има потенцијал да биде навистина доминантна варијанта како што тоа беше случајот со третиот бран кај нас кога нѝ се случи да имаме доминантно британски сој на вирусот којшто беше причината за тоа што нѝ се наполнија Ковид-центрите и болниците во државата. Овој е таков тип на вирус и треба да бидеме загрижени. Може да го успориме процесот, но не верувам дека ќе бидеме во состојба да го неутрализираме во целост“ во изјава за Телма вели доктор Злате Мехмедовиќ, супспецијалист пулмолог.

Добрата вест е што две примени дози од анти-ковид вакцините во одреден процент се ефикасни и против оваа најнова, индиска мутација на Корона вирусот.

Во меѓувреме, Македонија се уште очекува нови количини на вакцини за повторно да стартува вакцинацијата со прва доза со засилено темпо низ пунктовите.

„Во однос на тоа колкава е ефикасноста на сите вакцини ако ги анализираме поединечно, можеме да кажеме дека секоја вакцина сосема успешно се справува во спречувањето на смртниот исход и тешката форма на болест. Меѓутоа, во однос на новите варијанти на вирусот има значително намалување на ефикасноста и тоа е она што мутациите го прават овој вирус непредвидлив и нешто што нема да биде лесно за справување во наредниот период“ изјави доктор Злате Мехмедовиќ, супспецијалист пулмолог.

Додека се очекуваат новите пратки, викендот голем број граѓани од Македонија беа на вакцинација во Ниш, Лесковац и Врање во соседна Србија. Информациите се дека околу илјада наши граѓани се имунизирани во саботата и неделата – дел од нив со втора доза, а дел и со прва вакцина.

Тие се дел од околу 15 илјади македонски граѓани севкупно, вакцинирани во србија, а најголемиот дел од нив со „АстраЗенека“.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе