Го немало, ама не бегал, туку најверојатно бил во објектите блиски до куќата сопственост на фирмата Ексико во која Сашо Мијалков живеел. Ова се клучните наоди на обвинителската предистрага за дводневното исчезнување на поранешниот директор на УБК кого за во притвор го бараше целата полиција, а беше распишана и меѓународна потерница.
Соопштение на Јавно обвинителство: Како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение. Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот , до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти.
Обвинителката Ленче Ристовска која ја водеше предистрагата не нашла докази дека некој му дојавил што му се спрема што значи дека за никого нема кривичен прогон и одговорност. Не е расветлено како бегалецот успеал да ја избегне полициската потера и од Водно да се спушти до комплексот судови.
Соопштение на Јавно обвинителство: Иако обвинетиот бил недостапен на органите за прогон, сепак самиот доброволно се пријавил. Со тоа отпаднал кривично правниот елемент на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување или Несовесно работење во службата
Обвинителката Вилма Русковска која пак алармираше за планирање на бегство на Мијалков поради што му беше изречена мерка домашен притвор, денеска во интервју за порталот Призма тврди дека со него се слушнала дента кога тој се предаде.
Првпат се слушнав кога се јави дента дека сака да се предаде. Излезе дека Мијалков само во мене има доверба и дојде кај мене да се пријави, вели Вилма Русковска, Раководител на ОГОКК, за Призма.мк (Призма оценува дека вториот дел од изјавата е ироничен).
Во соопштението е наведено и дека имало институционални пропусти кои сепак не произвеле кривично дело на надлежните лица.
Во текот на предистражната постапка, јавниот обвинител констатира слабости во меѓу институционалната и интерната комуникација на надлежните институции, но во оваа насока, јавниот обвинител смета дека ваквите дејствија немаат кривично-правна импликација од причина што недостасува кривично-правна последица.
По неуспешното криење, Мијалков замина во Шутка на 23-ти февруари и се уште е таму иако понуди околу 11 милиони евра гаранција во имот за да излезе од затворски притвор. Во меѓувреме доби две затворски пресуди за предметите Тврдина-Таргет и Трезор во вкупна висина од 20 години.
Миомир Серафинови