Блокадата од страна на ВМРО-ДПМНЕ за изградбата на новиот клинички центар е злоупотреба на политичката моќ во рамките на собранието, рече министерот за здравство Венко Филипче во вечерашното гостување во Топ Тема.
Ако нешто заслужуваат нашите граѓани, тоа е нов клинички центар, и тука нема дилема. Видете какви нови методи, мултидисциплинарни тимови треба да се формираат, каков се капацитет треба да имаат операционите сали, како што имаат во развиениот свет за да може да се пружи нова метода. Има многу операциони сали кои што се опремени со опрема која што ние физички не можеме да ја сместиме, а е веќе составен дел од опремата во операционите сали во сите развиени болници во светот. И тоа се нови методи кои што сега им се скратени на нашите пациенти, или пак за некои методи се праќаат во странство, затоа што ние и да ја набавиме таа опрема, едноставно нема каде да ја сместиме. Значи сегашниот концепт на клиничкиот центар е веќе стар и тој не ги исполнува сите критериуми за да биде модерен клинички центар. Новиот концепт е интегрирана здравствена услуга на едно место, рече Филипче.
Во врска со обвинувањата на лидерот на опозицијата Мицкоски дека изградбата на новиот клинички центар ќе биде четири пати поскапа од таа на сличен таков изграден во Србија, Филипче вели дека вреди да се инвестира во квалитетна здравствена услуга.
Во што друго да инвестираме ако не инвестираме во нова болница? Лесно се прави проценка. И во законот кој што е во собранието стои дека меѓународна независна проценителна куќа ќе направи проценка на вредноста и не е точно дека е 500 милиони евра, нешто помалку е, 430-440 милиони, во зависност од квадратурата и тоа колку чини еден квадрат за болница од висока комплексност, како што е клиничкиот центар. Мислам дека граѓаните не заслужуваат најголемата опозициона партија да го блокира процесот, рече Филипче.