Од понеделник, на тројца судии на Уставниот суд, им завршува мандатот. Судот ќе продолжи да функционира и да носи мнозински одлуки, но со капацитет од само две третини. Експертите апелираат Собранието да не бара оправдувања, да ја исполни својата уставна надлежност и да избере нови судии. Претседателот на Комисијата со чие заседание треба да почне изборот, Костадин Костадинов, е презафатен за да одговори кога ќе ја закаже седницата.
Собранието доцни со изборот на тројца уставни судии. Треба да бидат заменети поради истечен деветгодишен мандат, но собраниската постапка не е ниту почната ниту најавена. Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Костадин Костадинов, е презафатен да одговори кога ќе заседава Комисијата, за да се утврди кадровскиот предлог и да се достави до пленумот, но најавува дека ќе биде согласно можностите и собраниската агенда.
Експертската јавност очекува Собранието да собере сили и да си ја исполни уставната функција во изборот на судиите. Потсетуваат дека ако требало ваква сериозна надлежност да се извршува со 6 судии, уставотворецот немало да предвиди 9.
Ова не е прв пат Собранието да дозволи Судот да работи во намален состав. Поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, има такво искуство.
За уставен судија, може да конкурира секој „истакнат правник“. Предлозите ги даваат членовите на Комисијата за избори и именувања, а изборот се врши со најмалку 61 пратеник. Доколку наредната недела Комисијата си ја заврши работата, изборот на судиите би се нашол на седница на 8-ми јуни. Во спротивно, ќе се пролонгира на подолго време, бидејќи Собранието ќе биде зафатено со ребаланс на буџетот и со завршување на старите седници.
Соња Николовска