Само уште три дена полицајци ќе ловат луѓе кои надвор на отворено не ги носат маските соодветно, особено онаму каде што е најраздвижено. После први јуни, една од главните превентивни мерки повеќе не е во важност.
И тоа не е единственото олеснување на рестриктивните мерки. Иако полицискиот час се уште ќе продолжи да важи како главна мерка – со која се ограничува движењето на граѓаните – ред други релаксирања на затегнатите мерки ќе значат и потсетување на старата реалност.
Свадби потворно ќе има, но според протоколи и со ограничен број на гости – сто и само со 50% од достапниот простор во отворените градини.
„Комисијата беше на став дека може да се дозволи дополнително попуштање на сегашните рестриктивни мерки. Маските на отворено нема да бидат задолжителни, ќе се укине забраната за групирање. Како некаква форма на препорака стои дека граѓаните ако се групираат во надворешна средина да имаат на ум дека маската секогаш е дополнителна заштита на здравјето. За сега останува полицискиот час како една дополнителна мерка во смисла на тоа да се ограничува дополнително групирање во еден одреден временски период, а ние будно ја пратиме ситуацијата и понатаму“ изјави д-р. Венко Филипче, министер за здравство.
Овие набројани мерки од први јуни стапуваат на сила. Здравствените власти ги правдаат препораките со стабилизирањето на епидемиолошката состојба и падот на бројките на новозаразени.
А, во меѓувреме додека се олеснуваат мерките, во пунктовите секојдневно се одвива авакцинацијата. Вакцини има уште 10 илјади достапни за прва доза – наспроти 200 илјади наменети за ревакцинирање на граѓаните.
Телма побара официјални информации од здравствените власти во однос на тоа колку вакцини и од кој производител се аплицирани во земјава, но одговор сè уште не добивме.
Се најавува пратка од вакцината „Спутник“, но тие не се пристигнати во земјава. Министерот најавува дека следната недела ќе пристигнат 20 илјади вакцини донирани од Грција и 50 илјади од Бугарија.
Во однос на хронично болните, завршена е имунизацијата на дел од нив. Во тек е вакцинацијата на пациентите со ретки болести, а потоа пациентите и со хронични белодробни заболувања.
Бројчаникот на официјалната страница за Ковид-вакцинација во земјава покажува дека има 231 илјади вакцинирани граѓани.
Заклучно со вчера 54.600 лица ги примиле и двете дози од вакцината. Вчера се аплицирани речиси 12 илјади дози низ пунктовите во земјата.
Петар Догов