Десет спрема десет. Ваков е односот на општини во земјава каде наставниците во основното образование добиле, односно не добиле надоместок за прекувремената работа со учениците, согласно протоколите за работа во услови на пандемија. Од Општината Куманово, каде беше најавен штрајк на наставниците во едно училиште поради неисплатени надоместоци, демантираат дека добиле сретства од МОН за прекувремената работа. А од МОН велат дека блок дотациите кои ги добиваат општините за училиштата, имаат конкретна намена.
Во десет општини од државата, наставниците во основните училишта не добиле надомест за прекувремената работа поради делењето на паралелките на две групи , согласно ковид протоколите. Покрај општината Куманово која ја посочија вчера, од СОНК денеска соопштија имиња на уште девет општини, од кои една проблемот го решила , со сретства од самофинансирање и рекоа дека е извесен штрајкот на неисплатените наставници во 50 училишта.
- Тука е и општина Прилеп, кај што не се исплатени. Не се исплатени ни во Тетово, Гостивар, Охрид, Гевгелија, Кавадарци да – од сопствени сретства, во Велес не се исплатени, Штип, Кочани… Сега ова е само до министерката. Јас сум убеден дека многу посериозно ќе пристапи до овој проблем , дали ќе оди преку Влада, дали на некое друго ниво партиско. На крајот на краиштата , мора тоа да се направи. Во спротивно, нашата заложба е наставниците да си ги добијат своите сретства и искрено тоа што го кажавме ќе го спроведеме , односно синдикалните организации ќе донесат одлуки , после први јуни практично ќе влезат во штрајк, истакна Јаким Неделков- претседател на СОНК.
Од МОН вчера рекоа дека на време уплаќаат блок дотации за прекувремената работа на наставниците, но градоначалникот на Куманово демантира.
- Како општина во овој момент ги примаме само редовните пресметани блок дотации за финансирање на воспитно – образовниот процес или пренесените надлежности од државата. За овие планирани сретства немаме дополнителни сретства во делот за надоместоци за плати или за прекувремена работа во образованието. Доколку ни бидат исплатени сретствата ние ќе ги трансферираме до сите наставници, вели Максим Димитриевски.
А, денеска од МОН со одговор дека сретставата од блок дотациите имаат конкретна намена.
Министерство за образование: Оние кои што се наменети за образование, не можат без соодветна процедура и конечно одобрување од страна на Владата да бидат искористени за друга намена, односно дејност. Државниот инспекторат за труд веќе постапува по одредени пријави.
За сега нема одлука за штрајк во кумановското училиште „ Магдалена Антова“, како што најави СОНК. Во телефонскиот разговор в.д. директорот Живко Стојковски , кој е член на училишната синдикалната организација, кажа дека претседателот до сега не одржал состанок со членовите и дека нема записник за одржување штрајк. А, најавата од претседателот на регионалната синдикална организација според Стојковски не држи, без дополнителни информации од претседателите на училишните синдикални организации.
Чаир, Карпош, Долнени, Петровец, Кавадарци, Крива Паланка , Кичево, Струмица, Радовиш и Ѓорче Петров, се општините во чии училишта, наставниците се исплатени за прекувремената работа во пандемијата.
Сотир Трајков