На големата сцена „Петре Прличко“ , на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, од Велес, утре вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Четири соби“, во режија и адаптација на Синиша Евтимов. Ова ќе биде прва премиера на Велешкиот театар, оваа сезона, насловена „ Да се почне одново“.
Претставата „Четири соби“, е работена според мотиви од сценариото на истоимениот култен филм од 1995 година, кого го режираа Квентин Тарантино, Роберт Родригез, Александар Роквел и Алисон Андерс. Станува збор за четири приказни кои се случуваат во една новогодишна ноќ, сместени во четири различни соби на еден хотел.
Костимографијата и сценографијата за претставата се на Александар Ношпал, музички соработник е Сашко Костов, а улогите ги толкуваат Фаик Мефаилоски, Самоил Стојановски, Маја Љутков, Симона Димковска, Зорица П. Панчиќ, Кети Борисовска, Талија Настова, Жарко Спасовски, Исидор Јовановски и Благојчо Стојанов.
Премиерната изведба на претставата ќе биде според сите здравствени протоколи, а првата реприза е закажана за сабота, (29.5.2021), со почеток во 20 часот.