На државава не и треба закон за легализација, туку закон за урбанизација, посочи архитектот и член на асоцијацијата на архитекти Искра Јанковска Михајловска, во вечерашната Топ Тема со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, во која тема е новиот закон за легализација на бесправно изградени објекти.
Според министерот дека станува збор за 50.000 до 60.000 бесправно изградени објекти, податоци кои ги добиле од 70 проценти од општините.
Јанковска Михајловска смета дека потребна стратегија базирана врз детални бројки, бидејќи и легализација за 1 евро за метар квадратен, според стариот закон не направи ништо за да ги спречи дивоградбите.
Значи еден закон за урбанизација каде што ќе има опширни анализи на општините, да се направат со точни бројки, со точни бројки на социјални семејства, видови на објекти кои се нелегални, и со тој закон за урбанизација да се види што може да се легализира а што не може. Нешто ќе мора и да се сруши веројатно. Едноставно не може сите во еден кош да бидат, вели Јанковска Михајловска.
Министерот тврди дека сакале да им излезат во пресрет на голем дел од граѓаните кои не успеале да го решат тој проблем, додавајќи дека за социјалните категории легализацијата ќе биде бесплатна, затоа што тие реално имаат проблем во однос на егзистенциајта.
Не се работи за тоа ние да призведуваме таков тип на објекти, туку со пеналите кои што се предвидени со овој закон, а кои се разликуваат од претходниот закон, всушност правиме еден обрач за да им укажеме на луѓето дека ваквото градење не е дозволено и дека ваквото градење во иднина нема да се дозволува, бидејќи граѓаните ќе платат поскапо ако одат по ваква постапка во однос на тоа ако одат по редовната постапка, тврди Бочварски.
Асоцијацијата на архитекти особено се противи на легализација без потполна документација.
Кога работиме како архитекти имаме еден куп фази, имаме архитектура, па ревизија на архитектура, па статика, па ревизија на статика, па тоа е потпишано со име и презиме. Каква сигурност ќе имаат овие дивоградби? Секој си ги градел без никаква контрола! Утре тие објекти ќе станат јавни, или некој приватен објект ќе добие пренамена. Ќе има ли во имотниот лист некоја точка дека тоа било дивоградба и нема контрола на неговата статика? Дали вие како држава, ако се случи земјотрес, ќе ги обештетувате тие луѓе, иако проектот не им е со сеизмичка потврда? Се отвараат многу прашања и не може да предложите закон каде што за шест месеци ќе го решите тоа со геодетски елаборат, посочи Јанковска Михајловска.
Таа смета дека треба и стручната јавност да биде земена в предвид.
Тој ќе продолжи да продуцира се повеќе урбан хаос! Не нудите решение, нема да сопрат дивоградбите. Ниту една општина нема точни податоци за објекти, станбени, деловни, со точна анализа што е опфатено а што не е. Ќе се платат комуналии, но како ќе се откупи земјиштето кое што е на државата, овде има еден куп работи. На луѓето кои направиле дивоградба утре ќе им овозможите да добијат имотен лист, да го продадат тој објект, да стекнат некаква имотна состојба, да го стават под залог. Не можеме потполно да ги амнестираме, треба да стои таму една точка, или да ги спроведете низ сите процедури, вели таа.