Вести Македонија

Предмет Рашковски: Застој во државни тестирања на контроверзната Инвока преку чиј софтвер се издавале лиценци и за оружје и за судски вештаци

Државни тестирања се во застој откако обвинителството за организиран криминал и корупција ги одзеде компјутерите од фирмата Инвока. Се бара решение во нов партнер, наместо дежурниот партнер на сега притворениот Драги Рашковски. Обвинителството и официјално потврди дека нема пронајдено материјали поврзани со приемните испити на Академијата за судии и обвинители. Опозицијата обвинува и прашува колку судии и обвинители се плод на измама, но СДСМ ги потсетува дека меѓу тие тестирани кандидати се сопруги на двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Инвока група веќе ја известила владата дека поради одземените компјутери во истрагата за случајот Рашковски не може да ги спроведува државните тестирања во 13 државни институции меѓу кои се 6 министерства.

Најзагрозен е приемот на нови слушатели на Академијата за судии и обвинители, а директорката Наташа Габер Дамјановска ни рече дека веќе се направени консултации со владата за да се изнајде решението и да не се закочи и оддолжува потребниот избор на кандидати за новата генерација слушатели. Едно од решенијата е поради виша сила да се бара нов партнер за софтверски решенија.

Опозицијата обвинува и се прашува дали поранешниот генерален секретар на владата Рашковски тргувал со прашањата за избор во академијата и колку судии и обвинители се плод на измама. СДСМ им врати дека се е чисто откако како пример за успешни кандидати наведе сопруги на двајца пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Компјутери се одземени од простории во Правен факултет од каде ИНВОКА го спроведувала тестирањето на кандидати во различни институции по добиен тендер, соопштија од обвинителството, но како што веќе објави и Телма истражителите не одзеле софтвер за да не ги попречат државните тестирања.

Соопштение на Јавното обвинителство:

-Во досегашната истрага, не се пронајдени материјали поврзани со приемните испити на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители. Што се однесува до Софтверот за полагање на испитот за прием на слушатели во Академијата на судии и јавни обвинители, истиот не е одземен.

Од Министерството за правда пак се убедени во правилен избор на сите досегашни кандидати затоа што сега наместо во приватна фирма, тестирањата се одвиваат на Правен факултет и се многу посложени и подолготрајни.

Одговор на Министерството за правда:

-Постојат јасни критериуми, повеќе филтри и различни испити, со што можноста за било какви малверзации се сведени на минимум. Фактот што овие испити ги поминуваат кандидати од различна провениенција, докажува дека нема злоупотреба или кршење на процедурите при нивниот избор.

Покрај Академијата и Министерството за правда ги користи софтверските решенија од сега осомничената фирма Инвока, иако не за правосуден испит.

Одговор на Министерството за правда:

-До пред две години за полагање на правосуден испит се користеше софтверот за кој прашувате. Со промената на законот, ова полагање сега е комисиско, со што софтвер не е потребен. Електронски сега се полага само стручен испит за вештаци и испит за медијатори. Планот е преку промена на законите и овие два испита да се полагаат комисиски.

Со софтверските решенија кои на тендер ги доби фирмата партнер на Рашковски се вршело тестирање и за носители на оружје во МВР, за инспекторски лиценци на инспекцискиот совет како и за тестирања во Катастарот, Комисијата за хартии од вредност, агенции за супервизија и царината.

Договорот е потпишан на 12-ти август лани, кога го парафирале двајца сега притворени Драги Рашковски (како генерален секретар на влада) и Даниел Станчев (управител на ИНВОКА груп) а се однесува на одржување на електронскиот систем за  државни испити во 13 институции. Договорот е во висина од околу 150 илјади евра за две години, а потпишан е само 18 дена пред изборот на вториот кабинет на Заев. Тоа е втор двегодишен тендер на Инвока.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени тројца Палестинци во напад на израелските доселеници врз село на Западниот Брег

Дејан Дејан

Западниот Балкан останува во геополитичкиот интерес на ЕУ

Дејан Дејан

Арсовска поднесе пријава за 20 дивоградби во Чаир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе