Култура

Почина поетот, писател и преведувач Богомил Ѓузел

По кратко боледување почина Богомил Ѓузел (1939-2021) македонски поет, есеист, драмски писател, раскажувач и преведувач.

Есеите кои акад. Ѓузел ги објавуваше во периодиката и дел од кои се собрани во книгите „Историјата како маштеа” и „Бовча”, ни го покажуваат овој автор не само како еден извонредно луциден интелектуалец, кој поседува висока доза на информираност и на сестрано образование, туку и како творец кој на прашањата што ги зема во средиштетото на своето внимание знае да им најде оригинален и често неочекуван аспект. Овој вид текстови на акад. Ѓузел се плод на упатеноста на овој автор во суштинските прашања на нашата епоха, како и резултат на неговата страсна желба да им најде одговор кој ќе биде во согласност со неговите етички и естетски сфаќања. Ставот на акад. Богомил Ѓузел е секогаш став на еден вистински ангажиран интелектуалец кој сака да ги изнесе своите погледи јавно и гласно, и тогаш кога тие, според сите предвидувања, не би можеле да очекуваат да бидат пречекани со сеопфатна согласност. Европската ориентација, интелектуалната луцидност и универзалната широчина им обезбедуваат на неговите есеи едно траење кое далеку ги надминува околностите во кои тие се пишувани и поводите кои го предизвикале нивното појавување.

Кога се зборува за овој вид на творечки ангажман на акад. Ѓузел, секако не може да се испушти од предвид манифестот „Епското на гласање” во кој овој автор на еден мошне оригинален и провокативен начин ги изнесува своите ставови кои се однесуваат на сфаќањето на поезијата, на творечкиот чин како и на прашањата поврзани со културната и поетската традиција. Овој манифест одигра значајна улога во формирањето на македонската културна клима во тој миг и го покажа самостојниот однос на неговите потписници кон официјалната идеолошка и политичка матрица која во тој период важеше како општоприфатена. Појавата на овој поетски проглас предизвика еден голем бран на љубопитство за македонската поезија во некогашните ју-простори, и во круговите на книжевната наука сè уште е објект на истражувања и анализи.

Богомил Ѓузел е несомнено наш најзначаен преведувач и препејувач на поезијата од англофонското книжевно подрачје. Високопрофесионалиот однос кон комплексните проблеми што се отвораат при преводот на поетските дела од класиката, совесноста и истенчениот вкус го красат овој дел од творечката дејност на овој автор. Благодарение на неговиот преведувачки ентузијазам, на јазичното мајсторство и на еден навистина студиозен пристап, на македонски јазик, во негов превод, се приопштени најпознатите драмски дела на Вилијам Шекспир. Освен тоа, Ѓузел е преведувач на изборите од поезијата на Т.С. Елиот, В.Х. Одн , Е. Дикинсон, Шејмас Хини и др. а и составувач и преведувач на една сериозна и откривачка Антологија на современа американска поезија.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Третманот на децата во образовниот систем низ премиера во Драмски театар

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе