Дојдоа да ги видат урбанистичките планови – си отидоа раскарани заради непочитување на Корона-протоколите.
Јавната презентација за три ДУП-ови во Општина Гази Баба заврши уште пред да започне, со голема расправија во до последно место исполнетата општинска сала.
Најгласни внатре екологистите и засегнатите жители.
Во ситуацијава се работи за ДУП-ови за градската четврт каде веќе се наоѓа комплексот „Железара“.
Екологистите тврдат – тешка загадувачка индустрија и црн чад се заканува над главите на најмалку седумдесетина илјади жители. Најголемиот дел од советниците застанаа рамо до рамо со активистите.
„Нема да дозволиме ниту еден нов метар квадратен земјиште во општината со наша одлука да биде тешка загадувачка индустрија. Наместо наша цел да биде намалување на капацитетите на „Железара“, некој сака ние да изгласаме зголемување на опфатот, ново земјиште на тешка загадувачка индустрија. Ова не е иницирано од ниедна партија. Собрани сме советници претставници на скоро сите партии“ вели Александар Трајковски – Советник во Советот на Општина Гази Баба.
„Сите планови коишто ги имаат замислено сакаме да се отпишат, тоа нема шанси да се оствари бидејќи ако се остварат тие може да се збогуваме со чистиот воздух којшто и во овој момент го немаме“ изјави Анастасија Павловска, граѓански активист.
Но, што е тоа што најмногу ги загрижува екологистите?! Велат дека не смее да се помисли на отворање нови индустриски капацитети дури ни од лесна индустрија, ниту пак некакви складишта за отпад – особено не среде град.
Погубно е да се легализира сето ова – цврсто стојат на ставот од невладината „О2 Иницијатива“.
„Со новите три Детални урбанистички планови на површина поголема од 550 илјади метри квадратни градежни парцели, тоа се пет градежни парцели, планирани се објекти од тешка загадувачка индустрија од Г1 – тоа е најтешката загадувачка индустрија. Загадувањето е еден од најголемите проблеми не само во градов туку и во државата. Ние имаме проблем да ги регулираме вредностите и не постои простор да отвораме ние тешки загадувачки индустрии и да овозможиме парцели коишто утре ќе овозможат легално да се отворат такви индустриски објекти“ изјави Татјана Чакулев, претставник на „О2 Иницијатива“.
За Деталните урбанистички планови за градата четврт кај Железара сѐ уште тече рокот за јавна анкета и ќе продолжи до крајот на месецов односно до 29 април.
Петар Догов