-Имаше мозочно крварење и сите денови во болница беше во тешка загрозувачка состојба и во коматозна состојба. Поради тешката состојба, немаше можност за операција и се чекаше подобрување по препишаната и аплицирана терапија. Утрово почина на одделот за хирургија, ни одговорија од штипската болница на прашањето за случајот со Златко Божинов.
Сточарот Божинов преживеа мозочен удар, а за неговиот случај се разбра откако лекар од кратовската Итна помош преку ФБ објави како неколку часа го носеле во импровизирана носилка од бачилото во кратовските планини до возилото за итна помош кое не можело да стаса поради непристапен терен.
Откако лекарот Зафиров ја објави информацијата и фотографиите од спасувањето на ФБ, напиша и дека ниту една институција не испратила соодветно возило или помош за да се обезбеди побрз транспорт.
Претседателот Стево Пендаровски, вицепремиерот Никола Димитров, но и други владеачки функционери реагираа и соопштија дека станува збор за несоодветна реакција на терен, а директорите на ЦУК и на ДЗС изјавија дека тоа што било побарано било преземено (ЦУК), односно дека Дирекцијата за заштита и спасување воопшто не била информирана, а има соодветни џипови за планински терени.
ЦУК формираше комисија за да ги испита околностите околу спасувањето на сега починатиот, а денеска неколку часа по смртта на 63-годишниот Златко Божинов објави морбидно соопштение со наслов „Од зборови на дела“ во кое објаснува дека е почнато со комисиска работа за случајот.