Ковид19 Македонија Најважни

Преполни болници, рекорден број починати во еден ден а владата отвора паркинзи и пазари

Еден ден по најцрниот ден од пандемијата во Македонија, 50 семејства денеска ги погребуваат своите најблиски чии иницијали беа дел од вчерашниот извештај на Министерството за здравство.

Тоа е досега најголемиот данок во човечки животи кој го зема вирусот Ковид -19 и страотен потсетник за состојбата во која е нашата држава.

За сите пациенти, колеги прават се што можат, уверува Министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека и денеска има многу пациенти кои се во тешка здравствена состојба

“За жал кај некои од пациентите лекувањето нема ефект. Има клиничка слика и манифестација каква што навистина, досега дел од колегите а посебно експертите од областа на пулмологија и инфективната медицина, не виделе.

Манифестација на белите дробови, манифестација на крвта. Едноставно нема никаков одговор на терапијата” – вели Филипче.

Билансот на починати од Ковид 19 се повеќе содржи и млади луѓе иако најголемиот број од жртвите и натаму се повозрасните граѓани.

Добар дел од нив се без коморбидитети, кои претходно беа потенцирани како главниот ризик фактор за тешката клиничка состојба.

Ова не е случај само кај нас, посочува Филипче. Секаде во Европа и околните земји се случува истото, тврди министерот за здравство.

“Има млади луѓе кај кои влошување на здравствената состојба настанува за неколку часа и едноставно и покрај целиот терапевтски пристап, да не се случи да дојде до влошување” – изјави Филипче.

Она што денешниот извештај од министерството за здравство за состојбата во болниците го потврдува е дека состојбата со пандемијата не дава знаци за намалување или ослабување.

Само во минатите 24 часа, во ковид центрите во главниот град биле хоспитализирани 103 нови пациенти, заради компликации од корона вирусот, што е највисока бројка на хоспитализирани во еден ден,  во актуелниот трет бран од пандемијата.

Во Скопје на инфективните оддели, кои се веќе отворени речиси на секоја клиника, се лекуваат 685 пациенти, но болниците се преполни и во другите градови во Македонија.

Се соочуваме со двојно поголем број на пациенти во однос на претходниот бран, потврди за Телма, директорката на болницата во Куманово , Снежана Захариева, додавајќи дека тоа на свој грб го чувствуваат и вработените, кои се пред крај на силите.

Само 16 слободни кревети во овој момент има и во болницата во Велес, вели директорот на болницата во овој град, Божидар Бојаџиев.

Во модуларната болница која неодамна беше пуштена во работа има само 4 слободни места а Бојаџиев предупредува и на проблемот со недостаток на персонал, но и кислород, неопходен за спасување животи.

Преполни болници, преморен персонал, голем број починати и ново заразени, веќе неколку недели.

Во оваа кризна ситуација на досега најсилниот бран од пандемијата, државата минува без поголеми рестрикции, освен полициски час кој очигледно не го даде посакуваниот ефект.

Истовремено, граѓаните вчера но и денеска беа сведоци на владини активности, кои во најмала рака, не покажуваат емпатија со граѓаните кои страдаат и наликуваат на кампања пред избори.

Вчера 5 владини функционери пуштија во употреба паркинг во Лешок, додека денеска премиерот со двајца вицепремиери и 2 министри, го означија почетокот на изградбата на градски пазар во Велес.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Меџити: Имаме стабилно мнозинство

Дејан Дејан

Законот за сајбер безбедност наскоро низ владина процедура, во јуни во Собрание

Дејан Дејан

Билатералните прашања да останат билетерални, а не кочница на евроинтегративниот пат – порака на шефицата на австриската дипломатија од Скопје

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе