Пратениците добија двојка од граѓаните за нивната работа годинава. Се противат на повеќемесечните блокади и сметаат дека конечно треба да почнат да си ја вршат работата за која се избрани, па ако треба и онлајн, покажува теренската анкета на Институтот за демократија.
Најголем дел од граѓаните сметаат дека пратениците секогаш ги застапуваат интересите на нивните политички партии, своите лични интереси како и бизнис интересите. Не се задоволни ниту од квалитетот на законите што се носат и сметаат дека тие се менуваат пречесто. Половина сметаат дека излагањата на пратениците воопшто не се аргументирани. Нивниот меѓусебен однос го опишале како натпреварувачки и непријателски. Имаат впечаток дека на седниците често или секогаш се користи говор, со кој се омаловажуваат и се деградираат колегите од другите политички партии. Не се сменила ниту перцепцијата дека владата има поголема контрола врз Собранието, иако според Уставот би требало да биде обратно.
Спасот од овие појави граѓаните го гледаат во промената на изборниот модел. Сметаат дека тоа ќе доведе до поквалитетен состав на Собранието како и до намалување на зависноста на пратениците од партиските лидери.
Далиборка Демјанска Цветановска