Тим од канцеларијата на Народниот правобранител го посетил притворениот бизнисмен Орце Камчев во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари откако тој и неговиот адвокатски тим се пожалиле дека врз него се врши тортура и добива нехуман третман.
Од канцеларијата на народниот правобранител, велат дека констататирале дека Камчев бил сместен во несоодветни услови, во однос на простор и други услови. Но, во меѓувреме, е констатирано дека состојбите се надминати, а тој е преместен во друга просторија.
Една од поплаките на Камчев била и во однос на укажување здравствени услуги во затворот, но според Народниот правобранител, било констатирано дека секогаш кога барал, ги добивал.
Одбраната на Камчев вели дека тој имал нехуман и деградирачки однос. За тоа ја известиле и меѓународната заедница, меѓу кои и Комитетот за превенција од тортура и Комесарот за човекови права на советот на Европа, Европскиот суд за човекови права и други.
Управата за извршување на санкции тврди дека Камчев добива ист третман како и другите притворени. Управата најкатегорично ги демантира информациите за наводен нехуман третман, тортура, понижувачки услови и загрозување на здравјето на притвореникот Камчев. Притвореното лице е сместено само, а досега врз него се направени вкупно шест медицински прегледи, од кои еднаш била повика и брзата помош, се вели во реакцијата.
Камчев е во 30-дневен притвор од 14 март како еден од осомничените во предметот „Плацови на Водно“. Притворот го одреди судија на претходна постапка врз основа на белешка од Агенцијата за национална безбедност дека се подготвува за бегство.