Протести за „Монструм“ повторно – овојпат без инциденти. Судирите со полицијата изостанаа ама гневните протестирачи гласно кажа што мислат околу судските одлуки, за случајот со петкратното убиство пред 9 години на Смилковското езеро. Во процесот осудени се петмина – тројца на доживотен затвор, а двајца со казна од по 15 и 9 години. Токму дел од роднините на осудените се и организатори на овие протести. На јавноста и се познати нивните барања – повторно судење, но овојпат на, за нив – вистинските сторители на убистовото, затоа што тврдат дека нивните роднини не се убијци на четирите млади момчиња и рибарот, туку жртви на монтиран судски случај кој е дел од политичка игра. Побараа и системски промени затоа што сметаат дека нема правично судење во случаи во кои се инволвирани албанци како обвинети.
Протестот започна во 14 часот иако беше најавен за во 13 и 30. Почетна точка беше паркот кај стадионот на ФК Шкупи во населбата Чаир. Оттаму по булеварот „Цветан Димов“ граѓаните се упатија кон Мавровка, за потоа преку патот од кај стоковна куќа „Мост“ да се упатат кон Владата. Кордон полиција забрани тие да стигнат на позиции близу до зградата на Владата.
Протестот го одбележаа голем број транспаренти на албански јазик и знамиња, како и извици „УЧК“ пред големиот број камери на медиумските екипи, за кои организаторите одбија да дадат изјава и на македонски јазик.
Петар Догов