Со лесен и сигурен чекор до имунитет на Ковид. Ова е идентична слика на влезот на вакциналните пунктови во 12 градови низ државата. Решени дека ќе ја примат вакцината на АстраЗенека, пензионерите имаат само една обврска пред да бидат боцнати во рамото – да ја пополнат и потпишат задолжителната писмена согласност.
Не сите се во состојба тоа да го направат самите – па екипите на Црвен крст со првото пенкало при рака веднаш се наоѓаат да помогнат.
Во Скопје три вакцинални пунктови уште од осум часот ги отворија вратите за сите оние повозрасни граѓани со веќе закажан термин за имунизација.
„Добивме три илјади дози АстраЗенека. Колку од луѓето се закажани преку Мој Термин, колку ги има на списокот – сите ќе бидат извакцинирани бидејќи и денес работиме во две смени. Малку ни се поклопува оваа вакцина и ревакцина ама веќе тргна работата, тргна возот! изјави Д-р. Боре Радевски – Раководител на Поликлиника „Јане Сандански“.
Повозрасните, но најпрви на списокот за вакцинирање уште од рано утрово се наредија пред вакциналните пунктови, да не го пропуштат терминот.
Да не се плашат од вакцината, тоа ќе биде многу корисно. Ако сме ние во години, сакаме да живееме. Секој сака да живее, порачаа повозрасните граѓани кои примаа вакцина.
Во вакциналниот пункт освен консултацијата за претходната здравствена состојба на луѓето дојдени за вакцина, стручните лица ги информираат и за можните несакани ефекти.
Медицинскиот персонал овде во пунктот за вакцинација вели дека реакции после вакцината се веројатни, но дека тоа не е ништо страшно. Колку се повозрасни лицата коишто ја примиле вакцината, толку се понеизразени реакциите.
И покрај тоа, оние кои чувствуваат потешкотии после боцкањето, можат слободно да посегнат по некој лек за да си ја олеснат состојбата.
Ние им кажуваме што може да се случи. Доколку има реакции – тоа е секако болка во раката, болки во мускулите, во зглобовите, лесна омалаксаност и покачена телесна температура. Доколку е температурата над 38, или се чувствуваат генерално лошо значи можат да се напијат лек за намалување на телесната температура, рече д-р. Сања Цилевска Младеновска – Пункт за вакцинација Поликлиника „Букурешт“.
Вакцинацијата е во тек и низ другите градови. Во Битола има 1400 вакцини на располагање. Ќе се вакцинираат по сто граѓани на ден, во две смени. Таму веќе се исполнети сите термини за вакцинација до крајот на оваа недела, а веќе се пополнуваат и за следната недела.
Вакцинацијата со АстраЗенека започна и во Тетово, местото кое е едно од најпогодените во кризата со вирусот.
Во штипскиот регион највозрасниот пациент кој успешно беше вакциниран има 91 година. Таму вакцини има за 400 луѓе, а досега се откажал еден граѓанин бидејќи не се чувствувал добро.
Здравствените работници чекаат насоки за граѓаните над 77 години од руралните средини кои не можат сами да дојдат на вакциналниот пункт или да се симнат од својот стан.
Петар Догов