Се враќаат имињата на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Стив Наумов, , Бихаќка, Владимир Комаров, Руди Чајавец и други, кои беа променити во текот на 2012 година.
Булеварот ВМРО ќе добие ново име и ќе се вика Блаже Конески, улицата Стив Наумов (поранешна Ленинградска) ќе се вика Славко Јаневски, улицата Адолф Циборовски ќе се вика Горан Стефановски.
Советот на Град Скопје на денешната седница ја усвои одлука со имињата на 485 улици и 8 мостови, плоштади и други инфраструктурни објекти во градот. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата пред гласањето која се одвиваше онлајн, а претходно реагираа дека според Законот за именување на улиците, тие не смеат да бидат именувани шест месеци пред избори и една година пред планиран попис на населението.
Според нив постапката била не транспарентна и некои имиња на улиците се дискитуабилни.
“Дали предлог листата за која понатаму треба да се донесе одлука е отворена за поширока јавна дебата. Дали по предлог листата согласно член 5, став 3 од Законот за определување на имиња на улици плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти е добиена согласност од Влада и мислење од општините каде се предлага менување на имињата” – изјави Ирена Мишева од ВМРО-ДПМНЕ.
“Дали е време да се менуваат улиците или не, секогаш е време и секогаш не е време. Меѓутоа ако нешто сме ветиле, тоа треба и да го реализираме за тоа што граѓаните не треба да се лажат. Дали имињата се соодветни или не се, сметам дека се соодветни барем од она што го видов. Идеална листа, идеални предлози нема” – вели Љубица Јанчева од СДСМ.
“Се трудевме да исправиме историски грешки, мое мислење, но и на владејачката коалиција кои беа нанесени на градот Скопје со преименување, насилно менување на улиците кои традиционално имаат урбана вредност во нашиот град” – порача градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Според одлуката за менување на имињата на мостовите – Мостот Тодор Александров (популарно наречен мост Близнак) ќе биде преименуван во Мост Накие Бајрам и Роса Плавева, мостот Слобода (кај Холидеј Ин) ќе се вика мост Вера Ацева, а новиот мост на бул. АСНОМ ќе се вика Генерал Михајло Апостолски.
Согласно Законот за определување на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти менувањето може да биде определено со географско, етнографско, историско и друго обележје, име на истакната личност од областа на историјата, науката и културата, други погодни имиња, како и име на значаен настан и датум.
Нина Стефанова