Првите 24.000 дози вакцина „АстраЗенека“ од вкупно 100.000 кои што треба да стигнат идниот месец од ковакс-системот, дојдоа утринава на скопскиот аеродром. Ги пречека министерот Венко Филипче со амбасадорите на САД, Германија, Франција и дузина странски дипломати, преку кои беше организиран преносот и транспортот на овие вакцини.
Вакцинирањето со оваа тура почнува в среда, во здравствените домови ширум државата.
„Првите 20.000 граѓани кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини, се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група. Вакцинацијата ќе се врши во здравствените домови. Во текот на април се очекува да стигнат преостанатите 76 илјади ‘АстраЗенека’ од ковакс“, кажа Филипче по истоварањето на првата пратка “АстраЗенека“.
Во април се очекуваат и вакцините од Кина, за кои министерот кажа дека имунизацијата ќе се врши во спортската сала „Борис Трајковски“.
Во меѓувреме, македонските државјани и утринава се на пат кон Србија за вакцинација. На граничниот премин Табановце се чека 40 минути.
Стотици македонски граѓани вчера заминаа во Белград и во Ниш, со потврдени термини за вакцинација, но и „на своја рака“ и никој од нив не беше вратен. Но, синоќа, директорот на српската владина Канцеларија за е-управа, Михаило Јовановиќ, која е надлежна за примање барања и одредување термини за вакцинација во Србија, ги повика граѓаните на соседните земји, меѓу кои е и Македонија, што немаат закажано термин за вакцинација, да не доаѓаат во Србија, бидејќи нема да бидат вакцинирани.
Министерот за здравство, Венко Филипче вакцинацијата на нашите граѓани и на другите граѓани од регионот во Србија ја оцени како пријателски и многу добар гест, а најави дека оние кои нема да добијат термини за ревакцинација во Србија тоа ќе може да го сторат во државава.