Три нови клиники се пренаменуваат во ковид центри. Клиниката за торакална хирургија, Клиниката за кардиологија и Клиниката за пластична хирургија стануваат ковид центри, со дополнителни 100 кревети за лекување на ковид пациенти. Освен овие клиники ковид-пренамена доби и Клиниката за трауматологија со 25 кревети. И Градската болница „8 Септември“ отстапува уште едно одделение со 25 кревети за ковид пациенти, но ќе го немали хируршкиот програм и најави дека ќе се вршат само итни и неодложни операции.
И додека дополнително се мобилизираат клиниките за справување со ковид-кризата и се намалуваат капацитетите на болниците за третирање на луѓето со други болести, се молчи за тоа кои би биле дополнителните рестрикции кои би го намалиле притисокот врз здравствениот систем.
За тоа денеска алармираше и лекарската комора која побара од Комисијата за заразни болести сериозно да ја разгледа можноста за нови рестрикции.
„Свесни сме за фактот дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно“, стопи во соопштението од ЛКМ.
Дополнително сметаат и дека сведувањето на минимум на капацитетите за лекување на болни со не-ковид патологија, дополнително го загрозува здравјето на популацијата.
Од Комората бараат и граѓаните да ја сфатат сериозноста од ширење на коронавирусот, при што наведуваат дека во неполни три недели од март заболеле нови 4.450 лица, што е за 50 проценти повеќе отколку бројот на заболени на 28 февруари, што пак го зголемува и бројот на лица кои завршуваат во болничките кревети.
Во последното деноноќие само во Скопје на болничко лекување се примени 71 лице и утрово во главниот град имало само уште 40 слободни кревети. На ниво на целата држава слободни се уште 290 кревети, а од компликации од коронавирус се лекуваат 1.193 лица.
Построги мерки за да не колабира здравствениот систем побара и епидемиологот д-р Драган Даниловски кој во Топ Тема изјави дека нема доволно време да се види каков ефект.
„Сметам дека е време, јас тоа го велам, да се удри кратко со чекан, да се спроведат комплетни затворање само за време на викенд, значи еден викенд 24/7 да се затвори општеството, едноставно да се задржи здивот толку“, е ставот на Даниловски.
И додека лекарската фела отворено бара засилување на мерките, Комисијата за заразни болести тоа го остави за понеделник, а не ги открива ни плановите за воведување на нови рестрикции. Засега кои мерки би се вовеле знае, по се изгледа, само претседателот на Комисијата д-р Жарко Караџовски кој и денеска за Телма не сакаше да открие кои мерки се планираат упатувајќи на одговорот кој го даде вчера на истото прашање.
„Ви реков, бројките кажуваат се за актуелната состојба. Јас во глава имам сценарио А, Б, Ц, Д“, одговори вчера на прашањето Караџовски.
Тамара Грнчароска