Полупразните собраниски клупи утре ќе се наполнат, а Собранието конечно ќе ги усвои 130-те закони кои повеќе месеци чекаа кворум за работа. Барем таков е договорот меѓу координаторите на пратеничките групи на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, и на Алијанса на Албанците и Алтернатива, Никола Мицевски и Скендер Реџепи, кои за првпат по неколку месеци, денеска се појавија на редовната понеделничка средба со претседателот на Собранието.
На овој потег се одлучиле откако Талат Џафери го повлекол од дневен ред предлогот за онлајн вклучување на пратеници кои отсуствуваат поради Ковид-19.
Договорено е утре да се гласа и за веќе завршените точки на дневен ред, како и за оние за кои ќе помине дебатата. Во деновите што следат, Собранието треба да ги продолжи и заостанатите седници, а паралелно веќе се закажани и седници на собраниски комисии.
Интерпелациите на министрите што треба да се одржат на барање на опозициските партии најверојатно ќе бидат на дневен ред на седница на 23 март. Такви барања има за министрите за правда и за внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски, како и за вицепремиерот Љупчо Николовски.
Покрај големиот број на закони кои чекаат на усвојување, 4 седници се почнати, а не се завршени. Повеќе недели, пратеници доаѓаа во Собранието, земаа дневници и патни трошоци, а не присуствуваа на седниците.
Ситуацијата дополнително ја искомплицираа и недоразбирањата кои се појавија во пратеничката група на ДУИ, чии пратеници исто така не доаѓаа на седници. Сега, се чини и тие проблеми се надминати, по што во Собранието конечно ќе може да биде закажана и нова седница.
Далиборка Дамјанска Цветановска