По 10 месеци пауза Македонија од среда повторно влегува во полициски час. Комисијата за заразни болести предложи, а владата утре треба да реши дали ќе се забрани движење од 22 часот навечер до 5 часот наутро на територијата на целата држава. Предлогот од Комисијата доајде откако бројките на заболените почна да се зголемува, а се пополнуваат и болничките капацитети, но за среќа, не со брзината со која се пополнуваа во ноември.
„Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато, односно дали бранот кој што сега се јавува ќе биде идентичен на тој во месец ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите, но ние мора да сме внимателни и подготвени. И во таа смисла, препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека навистина има групирање после затворање на угостителските објекти, без почитување на превентивните мерки на јавни површини и простори“, информираше Филипче.
Полицискиот час ќе биде воведен во траење од две недели и не се планирани викенд карантини како минатата година. Сепак, Филипче не исклучува продолжување на полицикскиот час или дополнителни рестриктивни мерки доколку бројките продолжат да растат. Засега угостителските објекти остануваат отворени до 21 часот, а парковите и јавните површини остануваат отворени за користење каде изминативе денови беше забележано поголемо групирања и преку ден.
„Сите инспекторати сега имаат зголемени ингеренции. Со интензивна работа, сите тие протоколи, навистина можат да се контролираат“, смета Филипче.
Филипче информираа дека и покрај зголемувањето на бројките има слободни кревети во болниците, освен во Кавадрци.
„Во Кавадарци е целосно исполнето инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница, исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје секојдневно се поголем број на случаи коишто бараат хоспитализација заради што во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно сега се спремни на стенд бај практично сите интерни клиники, тоа го организиравме денеска во текот на утрото, онака како што беше во месец ноември“, изјави Филипче.
Инаку во моментов има слободни 370 болнички кревети, а на инфективните одделенија во земјава се лекуваат 860 пациенти со коронавирус. Старосната група и клиничката слика, тежината на болеста на хоспитализираните, информира Филипче, не е многу поразлично од пред неколку месеци, без оглед што сега е пораспростанет британскиот сој на вирусот.
Првпат полициски час во земјава беше воведен на 22 март лани, а беше укинат на 27 мај, при што во земјава во неколку наврати имаше и карантински викенди од кои најдолг беше тој за празникот Велигден кој траеше четири дена.
Тамара Грнчароска