Култура Топ тема

Генерациите кои растеа со музика на Балашевиќ се збогуваат со неговите стихови

„Плови мирно панонски морнару“, „Можеби тебе веќе те нема но твојот рингишпил засегаш ќе се врти“- Генерациите кои растеа со музика на Балашевиќ сега се збогуваат со неговите стихови. Во Нови Сад знамињата се на половина копје, но жали цела Југославија. Легендарен, популарен, незаборавен го опишуваат медиумите. Приказничар, поетски хроничар и емотивец со капка солза во алогот на окото. Концертите на Балашевиќ траеја по 3-4 часа, во 80-тите немаше семејна веселба која не завршуваше со некоја од неговите песни.

Југословенскиот дух го зацврсти со неговата поезија, но и тој не ги издржа националистичките окови. 90-тите беа време кога и Балашевиќ беше жртва на разулавените духови на југословенците народи. Се кинеше врската меѓу нив, а поезијата добиваше политичка конотација. Балашевиќ се истакна како остар критичар на Слободан Милошевиќ. Тој отворено се спротивстави на национализмот што ги разгоре конфликтите, а се декларираше како Словен: „Словен сум, белец, слободен стрелец, за секој случај, се уште сум свој“.

Но, поради неговите позиции, мејнстрим медиумите во Србија го избегнуваа за време на војната. Во интервју за Н1 во 2018 објаснува дека на неговите концерти секогаш доаѓа ист профил на луѓе.

  • Најтежок проблем е што, сега наидувам само на нормални, тој проблем веќе го имав, кога се случија промените ’99-та, после Слобо (Милошевиќ). Тогаш беше прашање како да одиме со Сремска Митровица, реков не знам мене во Сремска Митровица повторно ми доаѓаат на концерт истите оние кои секогаш ги гледав. Во Сараево или Сплит или во Скопје каде за некој ден ќе одиме, Љубљана секогаш доаѓаат ист профил на луѓе. Јас не гледам тука некоја голема промена промена, вели Ѓорѓе Балашевиќ, пеач.

Музиката е над политиката ќе рече во една пригода познатиот актер и режисер Раде Шербеџија.

  • Вистинската уметност не може никој да ти ја забрани, никој не може тебе да те натера да слушаш некој кант автор, која ја поддржува власта или не знам што, кога тој сака да го слуша Ѓорѓе Балашевиќ или обратно можам тоа да го кажам за другата страна која сака да го слуша Оливер Драгоевиќ, вели Раде Шербеџија, актер.

Балашевиќ ја започна својата кариера кон крајот на 1970-тите и почетокот на 1980-тите, најпрво настапуваше во бендови пред да започне солистичка кариера, а бројот на обожаватели, на неговата мека поп музика со духовитиот текст, постојано растеше. Но неговата мајка никогаш не била на негов концерт.

  • Никогаш не остварив некои негови амбиции, за нив останав како така малку заведен, сега нешто пее, нешто свиреше, малку лизгаше, играше тенис, сега пее ќе му помине. Така што за жал остана празно место во редот до мојот татко, мајка ми за жал веќе беше многу болна, се врати меѓу ангелите од кои беше позајмена на оваа планета некое време. Така што мајка ми никогаш не ми била на концерт, раскажува Балешевиќ.

Три дена по хоспитализација во болницата во Нови Сад, Балашевиќ почина како последица на силна пневмонија предизвикана од коронавирусот, имаше 66 години.

Билјана Ставрова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Топ тема: Талка ли Македонија во расчекор меѓу стратешкото партнерство и стратешката цел?

Дејан Дејан

Со премиера на „Риголето“, почнуваат 53-те „Мајски оперски вечери“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе