Трет ден вакцинација за Ковид во Македонија. Во овие импровизирани болнички простории во модуларната болница каде до скоро се лекуваа пациенти, сега лекарите и целиот медицински персонал еден по еден ја примаат првата доза од вакцините на „Фајзер“.
Досега повеќе од четиристотини здравствени работници од Ковид-центрите ја завршија половина од работата – и за три недели ќе дојдат повторно да ја примат и втората доза, со што тие веќе ќе се водат како лица со имунитет на вирусот.
„Се трудевме да ги извакцинираме сите здравствени работници. Се извакцинираа здравствените работници од Инфективната клиника и од Ковид-одделението во „Осми септември“. Денес се вакцинираат и здравствените работници коишто работат со Ковид пациенти од другите градови. Во овој момент има присутна група од Прилеп и сите останати коишто се на ред и подготвени за вакцинација. Одговорно тврдам дека секоја доза на вакцината е искористена, односно секоја доза е примена од здравствен работник. Ниту една доза не е фрлена“ изјави Д-р. Даниела Марковска, специјалист.
Додека едни се вакцинираат, други се подготовуваат за и тие да дојдат на ред. На официјалната страница vakcinacija.mk секој ден податоци испраќаат стотици луѓе.
Сега бројката на граѓани кои изразиле желба за вакцинација е повеќе од 53 илјади, а 32 илјади лица над 70 годишна возраст тоа го направиле преку матичните лекари.
Но, дополнителни вакцини Македонија засега нема. Нарачаните веќе ги очекуваме – дополнителни не нарачуваме за да немаме вишок, вели премиерот Заев на прашање дали ги игнорираме руските вакцини како опција.
„Тоа што е уплатено или договорено со Кина, тоа што го имаме како понуда од соседите од коишто дел помогнаа, а за дел понудите сѐ уште се отворени – на крај може да се доведеме во состојба да имаме три милиони вакцини за еден милион граѓани или два милиони потребни вакцини. Се работи за многу важна работа, цените на вакцините не смеам да ги коментирам заради потпишаните договори. Но, се работи за огромни народни пари. Не смееме да си дозволиме ништо друго освен сериозност околу постапките за набавки на вакцини“ изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Република Северна Македонија.
Следна вакцина којашто се очекува да пристигне кај нас е кинеската „Синофарм“. Пратка од 200 илјади дози наменети за 100 илјади граѓани.
Информациите од Министерството за здравство велат дека истата ќе пристигне на скопскиот аеродром и тоа најдоцна за десетина дена.
Петар Догов