Владата го задолжи Министерството за култура да не ги исплаќа парите за одобрени проекти, без да се утврди законската основа. А, ова треба да го контролира Министерството за финансии. Одлуката ја донесе Владата откако се утврди дека не се исплатени проекти од годишните конкурси на Министерството за култура, за минатата година.
Инспектори од Министерството за финансии ќе утврдуваат како се трошеле буџетските пари за дел од одобрените проекти за 2020 година, додека министер за култура беше Хисни Исмаили. Сегашната министерка Ирена Стефоска во ноември кажа дека со внатрешна ревизија е утврдено дека во јуни и јули биле склучувани анекси на договори за зголемување на сумите и биле прифаќани обжалени проекти. Денеска од Култура потврдуваат дека нема да исплаќаат сретства до завршување на финансиските контроли за да го заштитат буџетот. Објаснуваат дека од септември лани до крајот на јануари годинава, раскинале договори во вкупен износ од над 1 милион евра поради нереализирани проекти и неуредна документација и очекуваат Финансиската полиција и ДКСК во најбрз рок да ги расчистат евентуалните злоупотреби.
Поранешниот министер за култура, сега пратеник во Собранието од опозициската Алтернатива, Хисни Исмаили за Телма вели дека чесно ја вршел министерската функција , без коруптивни скандали и дека е достапен во секое време да одговара на прашањата на Секторот за финансиска инспекција на Министерството за финансии.
Одлуките кои се донесени за тие проекти се од соодветни комисии при Министерството за култура, чии членови се професионалци во дадената област и од сите етнички заедници, што беше за прв пат направено во мојот мандат, вели Хисни Исмаили- поранешен министер за култура и пратеник во Собранието
А, од МФ одговараат дека ќе постапат согласно процедурата предвидена во Законот за финансиска инспекција во јавниот сектор.
Сотир Трајков