Македонија

Директорот на струшката болница Асани со уште една кривична пријава

Против неколку медицински лица од срушката болница на чело со директорот Мухамед Асани, е поднесена кривична пријава, за тешки дела против здравјето на луѓето. Ова е втора кривична пријава за Асани откако првата уште минатата недела до струшкото обвинителство ја достави Државниот здравствен и санитарен инспекторат, откако откри нелегална гинеколошка ординација сместена во неговиот дом. Најновата кривична пријава е од адвокатскиот тим на родилката од Дебар која јавно проговори дека по породувањето во струшката болница остана без јајник, матка и бубрег, поради лекарска грешка. Од Обвинителството за Телма велат дека постапуваат и по двете пријави.

До Основното јавно обвинителство Струга поднесена е кривична пријава против повеќе лица за конкретниот настан. Пријавата е распоредена кај надлежен јавен обвинител и по неа се постапува во насока на утврдување на фактите и проверка на наводите. Во исто време, Основното јавно обвинителство Струга постапува и по кривичната пријава која претходно ја поднесе Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Но и по неколку недели од скандалот кој ја потресе јавноста директорот на струшката болница Асани се уште е директор. За именувањето и разрешувањето на директорите надлежен е министерот за здравство. Но ,тој одлука ќе носи откако ќе го добие извештајот од Лекарската Комора. Од Лекарската Комора пак очекуваат стручниот надзор да биде готов идната недела.

Постапката за спроведување на стручниот надзор за докторот од Струга се уште се спроведува од причина што пациентката е лекувана во повеќе здравствени установи  во Републиката. Формираната комисија составена од експерти од гинекологија и акушерство, хирургија и урологија во наредните денови ќе ја посети ОБ Струга и ќе направи проверка на стручната работа на докторот на медицина со разгледување на медицинска евиденција и спроведување на интервјуа со лицата инволвирани во  случајот, велат од Комората.

Асани во изјава за Телма потврди дека бил дел од тимот, но тврдеше дека работата ја извршиле совесно и се задоволни што на пациентката и го спасиле животот. Додека за нелегалната ординација во неговиот дом, пред инспекторите тврдел дека во неа не прегледувал.

Александра Филиповска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Калајџиев: Сите влади кај нас практикувале реформски илузионизам, давајќи лажна надеж дека со измена на закони ќе се подобрат состојбите

Дејан Дејан

Петковска: Организацијата на судењето за пожарот во „Пулс“ ќе биде голем предизвик за Кривичен

Дејан Дејан

Нашиот животен сон стана реалност – Јован Филипоски и Лилјана Михајлоска, младоженци на годинашната Галичка свадба

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе