Незадоволните актери од избраниот нов директор на ЦК во Струмица, на денешната средба со министерката за култура се договорија до понеделник да се најде решение на проблемот. Министерката Стефоска рече дека процедурата според која е избран директорот, формално – правно според актуелниот Закон за култура била испочитувана во целост од комисијата што го вршела изборот , но поради револтот меѓу актерите дека директор на ЦК ќе биде лице со неадекватно формално образование и непознато во културната средина, до понеделник ќе се бара друго решение, според постоечкиот Закон за култура.
Легалниот момент е испочитуван од почеток до крај. Но, затоа си дадовме време до понеделник за да го надминеме проблемот , а при тоа да не го прекршиме законот, таков – каков што е. Во овој момент е тој закон, вели министерката Ирена Стефоска.
Како и претходно, Стефоска апелира на донесување на новиот Закон за јавен интерес во културата, кој е во собраниска процедура, а со кој за да се стане раководител на културна установа се бараат високо- стручни квалификации во областа.
Актерите се надеваат на надминување на проблемот и на изнаоѓање најдобро решение од формално – правен, етички и еснафски аспект. Но потенцираа дека не отстапуваат од барањето , спроведениот конкурс да се поништи, а избраниот директор да се отповика, за да им се даде шанса на соодветните кандидати. Во спротивно, најавија порадикални мерки.
Ако до понеделник не бидат решени одредени работи и не одат во насока, во која е нашата крајна ултимативна цел, да биде тргнат од директорското место г-нот Бубев, ќе пристапиме кон порадикални мерки , како што се непослушност, протести и т.н, вели актерот Стојан Велков.
Актерите од Струмица се незадоволни што Васил Бубев, актуелен директор на градинките „ Детска радост“, по професија професор по физичка култура, е избран на конкурсот за директор на ЦК „ Антон Панов“. Нивното незадоволство резултура со иницијативата „ Фус- култура или култура“, со која побараа од надлежните да престане трендот на поставување поединци на раководни функции по партиски клуч. Иницијативата до денеска ја подржаа над 300 уметници и културни работници од институционалната и независната културна сцена . На конкурсот беа одбиени две кандидатки-Јасмина Пијанманова, магистер по културен менаџмент, поради недоставен сертификат за активно зборување англиски јазик и Оливера Аризанова Мансбарт, актерка вработена повеќе децении во струмичкиот театар, поради отсуство на докази дека е познат културен работник и дека има 5 години работен стаж во оваа област.
Сотир Трајков