Шеснаесетгодишно девојче заклучено дома и малтретирано – и тоа од својата мајка. Реална хорор приказна во скопски Карпош открија институциите откако го слушнале врискањето на детето во позадина додека нејзината мајка на телефон пријавувала наводно насилство од соседи и од семејството.
Операторот со којшто разговарала пријавил што слушнал во МВР – а, полицијата дошла во домот на 44 годишната мајка со иницијали Н.К.
„Биле затекнати Н.К. (44) и нејзината шеснаесетгодишна ќерка. Притоа, било констатирано дека малолетничката подолго време била заклучувана во домот и не добивала соодветна нега од родителот. На малолетничката веднаш ѝ е пружена соодветна помош и таа е сместена во здравствена установа каде што е згрижена, а по службена должност ќе ѝ биде одреден и старател. Н.К. е приведена во полициска станица, а потоа пренесена во психијатриската установа „Бардовци“ каде што е задржана за понатамошната постапка“ вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.
Девојчето за жал секогаш ќе се сеќава на тоа што го преживеала иако сè уште не се знае колкави трауми има и колку време трпела насилство – во изјава за Телма вели психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Сега сите институции се на потег за да обезбедат враќање во нормален и реален живот на малолетното девојче.
„Можеби требало порано да се интервенира штом трае долго време. Како што кажуваат – се слушале женски крици и гласови и најверојатно и комшиите слушале. Можеби понатаму истрагата ќе покаже дека комшиите можеби и реагирале. Би требало да бидеме поактивни во вакви случаи и да не оставиме ништо да трае многу долго и да соработуваме сите заедно затоа што решавање на вакви случаи е соработка на една цела мрежа на институции, органи, како и на луѓето и комшиите и сите оние кои ги познаваат нив“ во изјава за Телма кажа доц. д-р. Мирјана Јовановска Стојановска, психолог.
Третманот е најважен – вели стручното мислење. Враќање во нормален колосек, обезбедување кров над глава, лечење на траумите и преокупација со училишните обврски.
„Девојчето, младата девојка ќе може да се врати во некој реален живот ама за такво нешто исто не е потребен само психолошкиот дел. Треба да ѝ се обезбедат средства за школување, место каде што ќе живее, заштита. Надежта е голема ако ние сите заедно како екипа, врзани во еден ланец реагираме на ваквите нешта и правиме третман, лечење и даваме помош на оваа млада девојка“ вели доц. д-р. Мирјана Јовановска Стојановска.
Од скопскиот Центар за социјална работа само кратко кажаа дека преземаат се за заштита на малолетното девојче, но поради осетливоста на целиот случај не можат да откријат повеќе информации.
Петар Догов