По три часа доцнење, собраниската седница беше прекината. Мнозинството нема кворум за работа, затоа што еден од нивните пратеници е позитивен на Ковид-19, а друг чека резултати од тестот. Опозициските пратеници, пак, иако се потпишаа на списокот за присутни, со што им следува дневница, не сакаа да влезат во салата.
Од опозицијата велат дека, нивното однесување е во знак на револт од однесувањето на мнозинството кое, со злоупотреби на европското знаменце сака да избегне дебата. Реагираат дека, на оваа седница се ставени два закони со европско знаменце, со цел, дискусијата веднаш да се префрли на Комисијата за европски прашања и да се спречи дискусијата. Се работи за Законот за лобирање и Законот за квалитет на амбиенталниот воздух. Со Законот за земјоделско земјиште, пак, се сомневаат дека сакаат земјоделското земјиште од прва категорија да го продаваат како градежно земјиште.
По ова, претседателот на Собранието ја прекина седницата.
Пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски, на фејсбук објави дека е позитивен на корона вирусот. Вели дека има поблаги симптоми и се чувствува добро. Уште еден пратеник чека резултати од тестирањето. Ваквата ситуација се повторува од крајот на минатата година, кога исто така имаше позитивни пратеници. Мнозинството бараше измени на деловникот, со што ќе се дозволи онлајн работа на позитивните пратеници, но опозицијата се противи аргументирајќи дека тоа е спротивно на Уставот.
Далиборка Демјанска Цветановска