Иако беше најавувана во медиумите, премиерата на претставата „ Си беше еднаш“, во продукција на театар Комедија, до крајот на 2020 година не се одржа пред публика. Според режисерот Синиша Евтимов, пробите во март запреле поради пандемијата. Во август продолжиле, со план во септември да ја одиграат премиерата на отворено. Но, потоа планот повторно се променил. Директорот барал премиерата да се помести во октомври , за да стигнат до тогаш одобрените пари од Министерството за култура, за комплетирање на проектот.Потоа ни затворена премиера немало поради инфекција на еден од актерите со Ковид- 19, вели режисерот. Тој бил изненаден кога од ресорот Култура му кажале дека сретставата за претставата се пуштени на театарската сметка уште во јуни.
Тие ми соопштија дека 80% од парите се исплатени на сметка на театарот Комедија. Мал дел не се исплатени заради тоа што формално- правно мора да се заврши проектот за да се исплатат парите. Што беше големо изненадување за мене и за целата екипа. Зашто испаѓа дека управата го доведе во прашање нашето здравје, базирано на некоја лага, вели режисерот на претставата Синиша Ефтимов.
Директорот Сашо Ристовски во телефонски разговор за Телма , вели дека не се работи за лага, туку за недоразбирање. Тој уверува дека затворена премиера на „ Си беше еднаш“ сепак имало и дека првиот дел од хонорарот на режисерот му е исплатен. Ристовски објаснува дека во договор со Министерството за култура, премиерата на претставата ќе се одржи кон крајот на овој или почетокот на следниот месец. Но, тој без прецизен одговор зошто пред екипата прикажувал дека сретставата доцнат.
Средствата се секогаш минимални за овие проектии затоа јас навистина сум го исплатил Синиша-првиот дел од хонорарот, па вториот…Секогаш тука имаме индиректни учесници. Во време на пандемија и тие треба да бидат подмирени. Навреме беше направена сценографија. И тие луѓе. Сè е како што треба, во најдобар ред, вели Ристовски.
За овој случај била испратена инспекција од Министерството за култура и не била прифатена одржаната затворена премиера на претставата, велат од таму.
Министерството за култура префрли над 1 милион денари, поточно 1.100 000 денари. Каде и за што се употребени, ќе покаже извештајот од инспекцијата.
Извештајот се разгледува во Министерството и кога ќе се донесе одлука, дали директорот на Комедија ќе биде санкциониран или не, јавноста ќе биде известена, велат од Министерството.
Покрај Театар Комедија, од националните театари премиери во 2020 година не реализираа ни МНТ, ни Албанскиот театар, а Битолскиот театар одржа онлајн премиера. Вкупно се одржани 20 премиери. За намалениот број нови претстави, причина е и Ковид пандемијата зашто не останаа имуни на неа добар дел од вработените во националните институции. Буџетот за драмска дејност, со двата ребаланса за минатата година, беше намален за 50 %, зашто средставата беа пренасочени за справување со пандемијата. За нереализираните проекти, Министерството ги намалило сумите уште лани, а за годинава , националните установи ќе добијат нови сретства за проектите, додаваат од ресорот Култура.
Сотир Трајков