Оризопроизводителите обвинуваат дека и 50 денови по средбата со министерот нема подобрување во откупот на оризот.
Ние кај министерот бевме на 31 октомври, од тогаш, 50 денови немаме никаква повратна информација. Нашите барања се откупот на оризовата арпа да биде од 25 денари, до 30 денари и 5 денари субвенции, а за белиот ориз од 55, до 60 денари по килограм. На почетокот на август, до 15 септември цената беше 29 денари за оризова арпа а белиот ориз се откупуваше по 60 денари. Откупувачите буквално си играат со оризопроизводителите, вели производителот Здравко Арсовски.
Министерот Хоџа очекува покачување на цената на оризот во јануари, бидејќи се работи за берзански производ, но предупредува дека не може да се очекува ист резултат секоја година.
Оризопроизводителите тврдат дека производната цена е поголема од откупната. Велат дека ниту еден од нив не е опфатен од сетот економски мерки и поради тоа се чуствуваат како граѓани од четврти ред.
Сеидбата оваа година ни беше во јуни месец, до 3-ти јуни садевме ориз. Знаете ли кои се оптималните услови? Од 20 април до 5 мај сеидбата треба да биде завршена. Системот за наводнување беше пуштен на 15 мај. Таму има неквалитетни луќе, некадарни луќе кои не можат да не опслужат нас земјоделците, обвинува Арсовски.