Аптеки, кафулиња, козметички салони, продавници, дури и двајца адвокати се на листата со компании чии газди парите од државната помош за октомвриските плати, наместо да ги исплатат на работниците – си ги ставиле во џеб.
Владата вчера го објави списокот со 179 фирми чии газди ја оштетиле државата за 85.000 евра и не исплатиле плата на околу 340 вработени. Најголемиот износ од 4.500 евра го добила фирма за служење на храна од Скопје која парите требало да ги исплати на 13 вработени.
Има компании кои земале по минималец за еден работник, но и такви кои прикажале дека имаат пад на приходите и над 80 проценти и добивале по 21.700 денари по вработен.
И овој список ќе патува во Обвинителството. Треба да го испрати Генералниот секретаријат и да побара кривично гонење за газдите.
Но се уште нема епилог ниту за првиот список. Тогаш стотици газди наместо на работниците платите за април, мај или јуни, кои ги добија од државата, си ги ставија во џеб. До сега не е покрената ниту една кривична пријава. Од Обвинителството велат уште прибираат докази.
„Предметот за кој покажувате интерес, а се однесува на кривичните пријави доставени од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ за компаниите што злоупотребиле државна помош е во предистражна постапка.Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција прибира докази за расветлување на наводите од кривичните пријави. Во моментов обвинителството не е во можност да сподели детали за случајот“.- велат од ОЈО.
Од институциите пак нема прецизен одговор како е можно по втор пат да им се случи истото- газди да ја злоупотребат државната помош. При презентацијата на четвртиот сет антикризни мерки, овојпат ветуваа дека нема да им се повтори приказната од пред пет месеци зошто ги зајакнале механизмите за проверка. Министерот за економија Бектеши тврди механизми имало. А еден од нив бил и јавното објавување на имињата на компаниите.
Иако првично УЈП објави дека дел од газдите кои не дале плата на вработените се истите кои ја злоупотребија помошта и за месеците април, мај и јуни, денеска при пребарувањето не најде такви. Велат системот сам ги одбила тие фирми.
Со овие нови злоупотреби практично до сега ниту една компанија не е казнета поради неисплаќање на платите на вработените. Жестоко реагираше и Синдикатот. Побараа од УЈП веднаш да изврши присилна наплата и да ги обезбеди платите на работниците. И од ССМ беа категорични дека голем дел од оние што ја злоупотребиле државната помош се фирми кои на ист начин го изиграле системот и претходно, односно зеле субвенции, а не исплатиле плати за април, мај и јуни.
Александра Филиповска