Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре од 20 часот и 45 минути ќе го одиграат четвртиот натпревар од фазата по групи во Лига Европа, а противник е словенечкиот претставник Тримо Требње.
Словенците до овој момент одиграа само еден меч и тоа пред две недели кога забележаа победа на гостувањето против Татабања со 28:26.
Нашиот состав на ова гостување во Словенија имаат шанса да стигнат до првиот триумф во второто по ранг европско клупско натпреварување.
“Верувам дека во ова натпреварување нема фаворити, посебно што многу екипи имаа проблеми со ковид-19. Видовме дека Тримо Требње ја победи Татабања, иако унгарскиот тим беше фаворит. Мислам дека улогата на фаворит не треба ни да се спомнува. Важно ни е што се враќаме во натпреварувачки ритам, ова ни е трет натпревар во низа, имаме интензитет на тренинзите, играчите се поспремни од пред 10-15 дена и очекувам добра презентација на нашиот тим. Од мој тренерски агол можам да кажам дека Урош Зорман врши одлична работа. Одличен тренер е и тоа е видливо на секој чекор. Екипата е дисциплинирана, многу брза, казнува од транзиција, добро играат еден на еден и со пивотмен. Тимот е одлично селекциониран и добро воден од тренерот Зорман”, изјави тренерот на Битолчани, Жељко Бабиќ.