Српската влада, по вечерашниот состанок кај претседателот Александар Вучиќ, се предомисли и ја повлече одлуката за протерување на црногоскиот амбасадор во Белград, Тарзан Милошевиќ. Премиерката Ана Брнабиќ, која заедно со министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, беа кај претседателот, изјави дека таа заедно со владата и целата Србија, комплетно се согласуваат со изјавата на амбасадорот Владимир Божовиќ.
Црна Гора го протера српскиот амбасадор Божовиќ, поради неговите изјава дека одлуката на Подгоричкото собрание од 1918 година, за припојување на земјата кон Кралството на СХС, била ослободување на Црна Гора и ја одразила слободната воља на црногорскиот народ.
Но Црногорците Подгоричкото собрание го сметаат за нелегитимно и во 2018 година, Народното собрание и со закон ги поништи неговите одлуки.
Подгорица во соопштението со кое ја објави одлуката, тврди дека мерката за протерување е резултат на долго и континуирано мешање во внатрешните работи на Црна Гора, однесување и и изјави неспоиви со вообичаените и прифатливи стандарди за извршување на дипломатската функција“. Божовиќ бил повеќе пати усно и писмено предупредуван за ваквото однесување.
Сепак со одлуката не се согласува мандатарот за состав на новата црногоска влада, Здравко Кривокапиќ, кој ја обвини владата во заминување за нарушување на односите со Србија и вети дека неговата влада ќе работи на поправање на односите со Белград. Кривокапиќ на твитер обвини дека и во своите последни денови режимот не отстапува од својата политика на поларизација на општеството и продлабочување на поделбите.
Подршка за амбасадорот пристигна и од Српското малцинство во земјата и српските политички партии, кои посочија дека српскиот народ во Црна Гора се гордее со одлуките на тоа собрание а Божовиќ само јавно ја кажал историската вистина со која секој Србин во земјата ја знае.
Игор Трајков