Доцна попладнево, со 61 глас за и во отсуство на опозицијата, Собранието ја избра Добрила Кацарска за судија во Уставниот суд, по предлог на Судскиот совет. Ќе има мандат од девет години. Кацарска беше судијка во Кривичниот суд во Скопје и судеше повеќе значајни предмети како „27 април“.
За набавката на блиндираниот мерцедес, познат како „Тенк“, ги осуди на затворски казни поранешните функционери Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски. Во собраниската расправа пред 20-тина дена, опозицијата редеше транспаренти, обвинувајќи ја судијката Кацарска за извршител на политички наредби од власта.
Во попладневната работа, со гласовите на 61 присутен пратеник, Собранието изгласа десетици закони и одлуки, за кои расправата беше затворена изминатите недели. За потпретседатели на Собранието избрани се Горан Мисовски од НСДП и Фадиљ Зендели од БЕСА.