6.000 денари помош за граѓаните со ниски примања ќе треба да ги потрошат најдоцна до 25 ти декември, но неизвесно е кога ќе ги добијат. Законот за финансиска поддршка на граѓани со низок доход е ставен на дневен ред за 26-ти ноември, потврдија за Телма од Собранието. Доколку се обезбеди кворум, потребни се неколку дена за да помине низ матичните комисии и на пленарна седница додека да се објави во Службен весник. Но по стапувањето на сила предвидени се рокови од по 5 до 10 дена за исполнивање на условите од законот, меѓу кои и рокови за утврдување и доставување на Листа на корисници на финансиска поддршка, но и за листа на даватели на македонски производи и услуги. По ова треба да бидат префрлени средтствата на граѓаните што може да се случи кон средината на декември.
Надлежните брифираат дека не е предвидено пролонгирање на рокот. Дополнитлено сметаат дека граѓаните ќе имаат доволно време да ги искористат средствата а потенцираат и дека целта на мерката е во краток временски период во стопанството да се инјектираат ликвидни средства и на тој начин да се поддржат и домашните компани.
Оваа мерка тежи 27 милиони евра а помош ќе добијат граѓани со низок доход, пензионери со пензија до 15 илјади денари, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години кои не биле опфатени со претходните мерки, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници, филмски работници и естрадни уметници.
За разлика од минатиот пакет мерки овој пат нема да се издаваат платежни картички туку средства ќе се исплаќаат на постоечка трансакциска сметка. Оние кои немаат трансакциска ќе можат да отворат во некоја од банките со кои владата склучила договор. Граѓаните што имаат блокирана сметка ќе можат да побараат банката да им отвори посебна трансакциска сметка само за оваа намена. Граѓаните нема да можат да ги вадат овие парите од сметка туку ќе плаќаат со картичка и тоа он лајн или во продавници кои имаат склучено договор со владата. Ќе можат да купуваат само македонски призводи кои во продавниците ќе треба да бидат означени со ознака Купувам домашно.
Елена Ивановска Мукоска