Вработените во студентските и ученичките домови ќе останат без плата. Собранието не успеа да ги донесе законите со кои се овозможува плата директно од буџетот бидејќи во услови на ковид криза и онлајн настава, домовите не сместуваат студенти и ученици за да остварат сопствен приход и да си обезбедат плати.
Во собраниската сала недостигаа барем уште 13 пратеници. Опозициските партии ја напуштија кога дојдоа на ред овие закони. Претходно, во нивно присуство заради кворум но без учество во гласањето, усвоени се неколку огласи за членови во државни комисии, како и измени на Законот за градење. Со нив се уредува градењето модуларни болници во дворовите на здравствените установи како монтажни градби на приземје со квадратура од најмногу илјада метри.
Спикерот Талат Џафери побара да не се злоупотребува здравствената ситуација, поради која повеќе пратеници се отсутни, за политички цели. Посочи дека на последните координативни средби е договорено да не се попречува донесувањето на законите кои се дел од анти-ковид мерките.
Џафери најави дека ќе ги воведе сите инструменти за да обезбеди функционално Собрание. Тоа подразбира примена на дополнителни мерки од здравствените протоколи но и отварање на прашањето за онлајн учество на пратениците кои се болни или имаат решение за изолација. За да се овозможи тоа, на една од наредните седници ќе биде разгледуван неговиот предлог за измени на Деловникот. Според последната информација, најмалку шест пратеници се отсутни од здравствени причини.
Соња Николовска