Македонската фудбалска репрезентација загуби со 1-0 од Ерменија и не успеа да обезбеди пласман ранг погоре во Лигата на нации односно Б-дивизијата.
Во следното издание на ова натпреварување повторно ќе се натпреваруваме во Ц-дивизијата, а промоција обезбеди Ерменија. Ни беше потребен барем бод на денешниот дуел што се одигра на Кипар, поточно во Никозија, но без дури осумина првотимци не можевме да прикажеме доволно добра игра.
Имавме посед и шанси во првото полувреме, а најрасположен за игра беше Александар Трајковски. Голманот Дамјан Шишковски еднаш не спаси во првиот дел, кога со одличен рефлекс го одбрани нашиот гол по ударот на Карапетјан. Во вториот дел игравме далеку послабо и ниту еднаш сериозно не го загрозивме противничкиот гол. На спротивната страна Ерменците ја искористија нашата лоша поставеност во дефанзива и преку поранешниот фудбалер на Вардар, Хофханес Хамбарѕумјан погодија за 1-0 во 55-тата минута. Хофханисијан имаше одлична шанса да зголеми на 2-0, но Шишковски повторно се истакна со одлична интервенција.
За Македонија ова беше прв пораз во Лигата на нации и на конечната табела завршуваме како втори со 9 бодови, два помалку од Ерменија. Грузија, која денеска одигра без голови против Естонија е трета со седум бодови, додека Естонците се последни со три бода.
Фото: Игор Паневски